Економија, финансии, бизнис

Контакт

Скопски пазар со рекорден квартал: приходите скокнаа 166 отсто, продажбата на недвижности ја зголеми добивката

Скопски пазар со рекорден квартал: приходите скокнаа 166 отсто, продажбата на недвижности ја зголеми добивката

Скопски пазар АД Скопје во првиот квартал од 2026 година оствари значително подобрување на финансиските резултати, при што приходите и добивката бележат драматичен раст, главно како резултат на продажба на недвижен имот. Според неревидираниот и неконсолидиран Биланс на успех, компанијата пријави вкупни приходи од 181,3 милиони денари, односно 2,95 милиони евра, што е зголемување од 166 проценти во однос на истиот период минатата година.

Истовремено, нето добивката достигна 117,8 милиони денари или околу 1,92 милиони евра, што претставува раст од дури 3,622 отсто на годишно ниво. Ваквиот скок, како што наведуваат од друштвото, се должи на еднократни приходи од продажба на недвижности, кои значително го подобриле резултатот во анализираниот период.

- Остварените вкупни приходи во периодот Јануари-Март 2026 година изнесуваат 181.282 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период од 2025 година бележат зголемувања од 166%. Зголемувањето е резултат на поголем приход од продажба на недвижен имот кои беа присутни во 2026 година.

Скопски пазар АД Скопје за периодот Јануари - Март 2026 година оствари нето добивка од 117.798 илјади денари. Нето добивката за финансиската година е зголемена за 3622% во однос на претходната година. Зголемувањето е резултат на поголемите еднократни приходи од продажба на недвижен имот кои беа присутни во 2026 година кои ја зголемија добивката за период на известување во 2026 година - се посочува во извештајот објавен на Македонска берза. 

На страната на расходите, Скопски пазар бележи релативна стабилност. Вкупните расходи изнесуваат 63,5 милиони денари (околу 1,03 милиони евра) и се намалени за 2% споредено со лани, додека финансиските расходи се намалени за 59%. Оперативните расходи остануваат речиси на исто ниво, што дополнително придонело за раст на добивката.

Компанијата и натаму остварува стабилни приходи од издавање деловен простор и недвижности, што останува клучен сегмент на работењето. Во текот на кварталот се реализирани и одредени вложувања во објекти за издавање, со цел подобрување на условите за закупците, иако тие инвестиции не се од поголем обем во однос на вкупната вредност на средствата.

Во анализираниот период нема значајни промени во кредитната задолженост, ниту пак се реализирани поголеми продажби или отписи на средства. Од компанијата посочуваат дека во најголем дел е реализиран интерниот план за овој период, а очекувањата се дека позитивниот тренд ќе продолжи и во наредниот период, со постепено зголемување на вложувањата во основните средства согласно финансиските можности.

Одлука за евентуална исплата на дивиденда ќе биде донесена на редовното Годишно собрание на акционери во мај 2026 година, додека до моментот на објавување на резултатите не е извршена исплата на дивиденда.


Слично

Поврзани вести