Економија, финансии, бизнис

Контакт

СКОПСКИ КРИВИЧЕН НЕ Е НАДЛЕЖЕН ЗА АУДИТО НА МЕРКО, ПРЕДМЕТОТ СЕ СЕЛИ ВО СТРУГА - кога ќе одговара струшкиот градоначалник за колата од 70 илјади евра купена со општински пари

СКОПСКИ КРИВИЧЕН НЕ Е НАДЛЕЖЕН ЗА АУДИТО НА МЕРКО, ПРЕДМЕТОТ СЕ СЕЛИ ВО СТРУГА - кога ќе одговара струшкиот градоначалник за колата од 70 илјади евра купена со општински пари

Се огласија од Основниот кривичен суд во Скопје, од каде велат дека не се надлежни за дело против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, и затоа предметот ќе се пренесе до Основниот суд во Струга. 

„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција ( КОК ) при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог со КО бр. 27/24 против обвинетиот Р.М. од Струга за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв со ст.1, донесе решение со кое се огласува за стварно ненадлежно и предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга.

Согласно чл. 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение ( КОК ) е надлежно за Кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице.

Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во СЛ. Весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ст. 4,  судот утврди дека Спелцијализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што Јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член.

Со оглед на сето тоа стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“, се вели во објавата од Кривичен суд на нивната веб страница. 

Како што е познато, против него е поднесено обвинение по иницијативата на Антикорупциската комисија за набавката на луксузниот автомобил „Ауди А6“ во Општина Струга. Тој се гони за Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353, став 4, од Кривичниот законик. Казната затвор за ова дело е од една до пет години.

Според антикорупционерите, Мерко ја злоупотребил својата положба при набавка на четири автомобили во вкупна вредност на набавката од 114.000 евра, меѓу кои и луксузниот автомобил марка „Ауди А6“ од 66.700 евра кое го користи градоначалникот и тоа во време кога Општина Струга е со неподмирен долг од околу четири милиони евра.

Мерко тврдеше дека „Ауди А6“ од 70.000 евра не е луксузен автомобил, зашто и обични граѓани возат автомобили од 100.000 евра. Морало да се купат нови возила за општината, зашто старите биле дотраени.

Уште кога беше поднесено обвинението до Кривичниот суд Скопје, беше наведено дека тој треба да се прогласи за ненадлежен, по што предметот ќе го преземе судот во Струга.

Слично

Поврзани вести