Скопје, Струмица и Куманово повторно екстремно загадени, ќе се чека најавениот ветер за спас
Неколку градови во Македонија денеска се екстремно загадени. Струмица е на врвот со индекс 399, додека Скопје и Куманово бележат високи вредности и се меѓу најзагадените во Европа.
Според податоците од страната „Ер Кер“ (Air Care), неколку градови во Македонија денеска се соочуваат со екстремно високо загадување на воздухот, при што најкритична е состојбата во Струмица.
Во најзагадените делови на Струмица индексот на загаденост достигнува дури 399, што ја става оваа општина на водечка позиција на национално ниво. Станува збор за исклучително високи вредности кои претставуваат сериозен ризик по здравјето на граѓаните.
На второто место утрово има „мртва трка“ меѓу Куманово и Скопје. Во Куманово индексот на загаденост изнесува 255, додека во Скопје е измерен индекс од 247. По нив следуваат Крушево со индекс 176 и Кавадарци со 164.
Главниот град утрово се најде на четвртото место на листата на најзагадени градови во Европа со повеќе од 300.000 жители, веднаш зад Белград и Крајова, додека најзагаден град во Европа денеска повторно е Сараево.
Во Скопје, највисоко загадување е измерено во Пролет со индекс 239, во Лисиче со 212 и во населбата 11 Октомври во Кисела Вода, каде индексот изнесува 110. Преостанува да се чека вторник, за кога е најавено ветер, снег и дожд, како единствен спас за загадувањето.
