Скопје со суспендиран кредитен рејтинг – Ѓорѓиевски зборува за „нула долг“, но не одговори зошто S&P ја стопираше оценката
Суспензијата на кредитниот рејтинг на Град Скопје од страна на агенцијата S&P Global Ratings беше тема на денешната седница на Советот на Град Скопје, каде советничката од СДСМ, Катерина Цаневска, побара одговор од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за причините за ваквиот потег.
Агенцијата S&P претходно соопшти дека ја суспендирала долгорочната кредитна оцена „B+“ за Скопје поради недостиг на доволни и навремени информации за финансиската состојба на градот. Според нив, во моментов немаат пристап до податоци за ликвидноста, како и за среднорочните финансиски планови и стратегии, што е неопходно за одржување на рејтингот.
-Агенцијата во моментов нема доволно информации за да го одржува рејтингот. Следењето ќе продолжи, а рејтингот ќе биде повторно активиран доколку недостасувачките податоци бидат доставени и ги исполнуваат стандардите за обем, навременост и веродостојност – се наведува во соопштението.
Од S&P предупредуваат дека доколку во разумен рок не се обезбедат потребните информации, можно е рејтингот целосно да биде повлечен. Иако изгледите биле стабилни, ваквата суспензија претставува сигнал за недоволна транспарентност и може да влијае врз довербата на инвеститорите.
На седницата, наместо директен одговор за причините за суспензијата, градоначалникот Ѓорѓиевски говореше за финансиската состојба на градот, истакнувајќи дека таа е стабилна и дека нема долгови.
-Имаме најдобар квартал на капитални инвестиции, финансиски должиме нула денари како Град Скопје и тој извод можете да го добиете. Долгови што се исплатени изминатите пет месеци се повеќе од 7 милиони евра и градот никому не должи. Вкалкулирани се и кредитите, долговите за кредити што ги зел Шилегов, а Данела не ги враќала. Шест автобуси имаме исплатени, 52 милиони денари со камата, дополнителни обврски што сме ги сервисирале – извршители на Данела, на Шилегов, на Коце Трајановски кои денес ги плаќаме. И покрај сите овие обврски сме ги подмириле. Денес завршува процес на експропријација, се исплаќа веднаш. Никогаш не сме биле во подобра финансиска состојба – рече Ѓорѓиевски.
Сепак, и покрај овие тврдења за финансиска стабилност, градоначалникот не даде конкретен одговор на прашањето зошто S&P ја суспендирала кредитната оцена, односно не објасни зошто агенцијата нема пристап до потребните финансиски информации.
