„СКОПЈЕ НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ ФАРАНХАЈТ 451“: Левица со остра реакција за отстранувањето на дрвените куќарки за препродажба на книги
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес реши дека најголемиот проблем на Скопје не се поплавите, не е хаосот во јавниот превоз, не е загадувањето, туку штандовите со стари книги.
Ова го посочуваат од опозициската „Левица“ во објава споделена на социјалните мрежи, и притоа додаваат дека во цел свет ваквите штандови се дел од секојденвието на градот.
- Да, книги. Тие што ги чуваат спомените, знаењето и културата. Тие што ги спасуваат приказните што никој друг не ги чува. Додека целиот свет вложува во книжевност и библиотеки, Скопје доби градоначалник кој се однесува како инспектор од „Фаренхајт 451“, каде властите горат книги - пишува во објавата на опозициската „Левица“.
Според нив, овој потег праќа порака што ниту еден демократски град не смее да ја испрати: дека културата е вишок, дека книжарите се непријатели на народот, дека за продавачите на знаење нема место, но за политички импровизации и гол партиски маркетинг секогаш има.
- Скопје заслужува градоначалник кој чита, не градоначалник кој гледа на книгите како на закана. Гонењето продавачи на книги не е „ред и дисциплина“, туку симболично насилство врз културата. И ако денес се бришат штандови, утре што ќе биде? Книжарници? Библиотеки? Или ќе стигнеме до ниво каде единствената „прифатлива литература“ ќе бидат партиски памфлети? Град што го напаѓа знаењето е град што оди наназад. Скопје не смее да стане Фаренхајт 451 - пишува во објавата на Левица.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
