СКОПЈАНКА ДАЛА 36 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ИТНА ОПЕРАЦИЈА ЗА СВОЈАТА ЌЕРКА - уште една жртва на измамите со лажни сообраќајки
Повторно изманипулирана повозрасна жителка на земајва од која со лага е одземена голема сума на пари. По бројните пријавени случаи во кои се измамени постари граѓани дека нивните деца направиле тешка сообраќајка и со лага дека ќе бидат спасени од кривично гонење или пак дека се потребни за нивно лекување, има нов сличен случај.
Овој пат, станува збор за жителка на Скопје која има 71-година и од која измамниците успеале да извлечат дури 36.300 евра.
- На 16.10.2025 во 17:20 часот во СВР Скопје, 71-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена за сума од 36.300 евра. Според пријавеното, едно лице ја контактирало телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка направила сообраќајна несреќа и е тешко повредена и дека треба да плати за да се направи итна операција.
Како што е пријавено, таа повторно била контактирана телефонски, овојпат од лице кое се претставило како лекар и кое и посочило каде да ги остави парите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот - се наведува во извештајот на МВР.
Слични случаи на измама се пријавуваат скоро секој месец, но и покрај тоа што овој тип на измами зачестуваат, не е стигнато соопштение дека некој од измамниците е фатен.
Сличен случај имавме пред еден месец, кога од жител на Чашка беа извлечени 14 илјади евра.
На крајот од август пак, друга жена беше измамена со лагата дека нејзината ќерка направила сообраќајка и прегазила 4 годишно дете, а за да ја спаси од затвор треба да плати 50 илјади евра.
Но, ова се само последните случаи, а вакви измами имаше повеќе изминативе години, кои наместо да се намалуваат - зачестуваат.
Слично
