Економија, финансии, бизнис

Контакт

СКОПЈАНИ НОЌЕСКА СЛУШАЛЕ ХЕЛИКОПТЕРИ - АРМ вели: тоа се редовни обуки на нашите пилоти

СКОПЈАНИ НОЌЕСКА СЛУШАЛЕ ХЕЛИКОПТЕРИ - АРМ вели: тоа се редовни обуки на нашите пилоти

Скопјани кои живеат на Водно, во Соње или во Сопиште, во нашата редакција се пожалија дека во текот на ноќните часови слушале звук од хеликоптери. Дел од нив биле вознемирени, исто како и нивните домашни миленици, а дел од нив се прашуваа чии хеликоптери и зошто имале потреба да летаат во доцните ноќни часови, и дали можеби нешто вонредно се случило.

Но, од Генералштабот на Армијата за Фактор ги расчистија сите дилеми. Граѓаните да не стравуваат, станува збор за обука за ноќно летање, која е неопходна за пилотите на Армијата. Значи, нема ништо невообичаено, туку само исполнување на неопходните часови за обука за ноќно летање на армиските пилоти.

„Станува збор за редовни активности за обука за ноќно летање. Тоа се случуваше во текот на две ноќи, односно во средата и четвртокот во ноќните часови. За денеска, односно во текот на претстојната ноќ, не се планирани такви обуки. Но, тие активности завршуваа некаде до 23 часот“, велат за Фактор од Генералштабот на АРМ.

Овие обуки се редовни и предвидени, и се случувале и досега, иако, како што објаснуваат од АРМ, ноќните летања се поретки и се организираат по неколку пати годишно. 

Според информациите, звукот во текот на минатата ноќ всушност го предизвикал еден хеликоптер, МИ8 транспортен хеликоптер, но на него вежбале, односно се обучувале повеќе пилоти од Армијата. 

Хеликоптерот, како што велат од Генералштабот на Армијата, летале во близина на армискиот аеродром во Петровец, па токму од тие причини најмногу нивниот звук го слушале граѓаните од скопските населби кои се најблиску до тој реон, како и во близина на Куманово.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести