СКОПЈАНИ ГО ИМААТ ВОДНО, А БИТОЛЧАНИ ПЕЛИСТЕР: Каде бегаат од загадениот воздух жителите на другите градови?
Скопјани на Водно бараат спас од загадениот воздух, а битолчани имаат можност да отидат на Пелистер. Жителите на многу македонски градови одат во селата за да дишат почист воздух. Мал е бројот на градови каде квалитетот на воздухот во зима е на задоволително ниво.
„На Кожуф можат да отидат, на Тиквешкото езеро, до Витачево, висорамнина над Кавадарци, тоа е излетничко место. Најчесто луѓето за викенди одат на овие локации, во работните денови послабо, а има и некои кои си живеат таму, покрај езерото кое е на десетина километри од градот“, велат од Еко-Живот Кавадарци.
И Охрид е град кој често се соочува со загаден воздух.
„Секоја вечер го чувствувам смогот. Најмалку три недели се чувствува смогот во градот. На Галичица можат да појдат, но до одредена локација се оди со моторни возила. Во Велестово можат да отидат. Уште поубав е делот во населба Чекоштина. Скоро секој ден сум таму. Тоа е на излез од Охрид, на неколку минути од булеварот Туристичка. Има шума, може да се пешачи“, додава Борис Стојановски, претседател на еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид.
Во Кочани има високо аерозагадување, за што граѓаните изминативе години протестираа.
„На Пониква и на другата страна каде не е развиен туризмот, има недопрена природа, од кај селата дури е подобро. Таму има идеална надморска височина од 700 до 800 метри која е воздушна бања и одговара за луѓето со респираторни болести. За викенди луѓето одат таму. Треба Пониква според мене целосно да го смени својот лик и да се инвестира во развој на зимските спортови, затоа што има потенцијал за истото. Да се стави посовремена опрема. Може да се пушти и пред сезоната, да има развој на туризам. Недоволно се работи, има засилена урбанизација. Може да се направи големо одморалиште, таму да престојуваат ученици и наставници како порано, а тоа сега се случува поретко“, вели Ана Симонова од организацијата Грин орг од Кочани.
Странските медиуми пред неколку години пишуваа дека Тетово е еден од најзагадените градови во Европа според податоците на Светската здравствена организација(СЗО). Тој беше во друштво на босанскиот град Тузла, градови од Полска, Бугарија и Црна Гора.
„На Попова Шапка има голема разлика во квалитетот на воздухот, додека долу целиот дел е загаден. Луѓето со хронични болести, но и другите за викенди одат на Попова Шапка“, рекоа од Еко Грин Футуре од Нераште.
Од еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица објаснуваат дека струмичани бегство од загадениот воздух наоѓаат во околината на градот кај манастирот Свети Илија, каде има патека. Можат да отидат и на Беласица, во селата Колешино, Смоларе и на другата страна на Огражден.
Kичевчани одат во Кнежино и Крушино, како и до манастирот Света Богородица-Пречиста на чист воздух.
Се смета дека секоја година по неколку илјади луѓе во земјава умираат од последиците од аерозагадувањето.
Сања Атанасовска