СКОПЈАНЕЦ СО ИЗМАМА ОДЗЕЛ ПАРИ ОД ЖЕНА ОД БУКОВО - МВР го фати на граница, доби кривична пријава
Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против жител на Скопје, кој откако е откриен, признал дека измамил жителка на село Буково под превезот на лажна сообраќајна несреќа.
- На 25.01.2026 година, СВР Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против М.А. (46) од Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „Измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
На 11.11.2025 година, 72-годишна жителка на с. Буково била телефонски измамена од лице кое се претставило како полициски инспектор и лажно ја информирало дека нејзината ќерка и зет предизвикале сообраќајна незгода. Под закана и лажно уверување, оштетената оставила 40.000 денари и 1.500 американски долари на договорена локација во Битола - се наведува во соопштението на МВР.
Од таму додаваат дека жителката на Буково откако утврдила дека настанот не е вистинит, случајот го пријавила во полиција.
Измамникот во текот на вчерашниот ден (24.01.2026 година) бил лишен од слобода на граничниот премин Ќафасан и во целост го признал делото.
