Скандал со абортус во Охридска болница, интервенција на полицијата
Докторка гинеколог од ЈЗО Општа болница - Охрид извршила абортус на една пациентка, но интервенцијата ја запишала на име на друга пациентка, објави Алфа ТВ. Втората пациентка воопшто не била бремена. Најверојатно, докторката тоа го направила во договор со првата пациентка за да ја сокрие нејзината прекината бременост. Настанот се случил на крајот од минатата година, а истрагата оди бавно затоа што ја нема никаде жената која направила абортус.
Случајот е потврден и од полицијата, која информира дека,станува збор за 60 годишна докторка со иницијали О.Ф. и таа се сомничи за сторено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“.
Таа на 15.12.2022-ра во својство на доктор на едно одделение во општата болница во Охрид, извршила лекарска интервенција врз едно лице, по што интервенцијата ја завела со лични податоци од друго лице, а потоа со фалсификување на потписот од раководителот на одделението ја заверила интервенцијата“, објави МВР.
Случајот го открил медицинска сестра, која го предупредила семејството на недолжната пациентка, а докторите кои сакаат да останат анонимни велат дека испратиле допис до надлежни институции и дека бараат докторката да се суспендира. Случајот е сега во рацете на обвинителството.
”Кривичната пријава е примена и оформен е предмет во Основното јавно обвинителство Охрид, кое постапува и презема дејствија за испитување на настанот”, потврдило и ОЈО.
Инаку како што дознава ТВ Алфа истата докторка неколку години била суспендирана од работа,но судот неодамна ја вратил задолжувајќи ја болницата да и плати оштета од еден милион денари.
