СКАНДАЛ: Родители обвинуваат дека им го нема бебето
Драма се случила на Клиниката за Гинекологија. Родители обвинуваат дека им го нема бебето. Јован Волчев од Скопје цел ден барал да ја види ќерката што се родила вчера. По неколкучасовни шетања низ клиниката и расправии со медицинскиот персонал каде е новороденчето, на крај му покажале бебе на кое пишувало Василевска па прецртано и напишано Волчева. Јован, видно вознемирен, по се што слушнал денеска за ТВ Сител вели дека се сомнева дека ја видел својата ќерка.
„Ми рекоа во девет часот има визита дојдете подоцна, отидовме во десет и тогаш ми викаат такво бебе со тоа име нема, но дојдете накај 11.30, отидовме и пак викаат не може да го видите заради историјата на мајката, а подоцна кога ве повикав и вас ми покажаа бебе со презиме Василевска, но од кај да знам јас дека тоа е мое бебе може има повеќе Василевски во болницата“ - вели за Сител Јован Волчев од Скопје.
Јован кој на ГАК бил со членови од семејството е револтиран зошто ги излажале дека бебето е кај мајката, кога неговата сопруга која била породена со царски рез е на одделот за Интензивна каде не носат новороденчиња.
Таткото повика и полиција која дојде на Клиниката, направи записник и зема изјави од сите инволвирани страни.
