СЈО: „Поплавените“ документи за „Триста“ и „Шпион“ може да се обноват
По објавувањето на веста во емисијата 360 Степени на Алсат ТВ од СЈО денеска информираат дека „поплавените“ документи како докази во предметите „Триста“, „Шпион“ и „Империја“ може да се обноват.
Обвинителката Лиле Стефанова за МИА потврди дека сите документи од случајот „Империја“ се сочувани, а дел од доказите за другите два предмети не се поплавени туку зафатени од прскање на една цевка од парно греење во сутеренски простори, а не во подрум.
Од таму велат дека ништо не е оставено на случајот, туку дека документите однапред се скенирани и се чуваат и во електронска форма и дополнително може да се обноват.
-Tочно е дека поради дотраеност на сѐвкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, протече една од цевките на тој систем, при што беше зафатена дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од страна на ова Јавно обвинителство, меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“, велат од СЈО.
Во моментот се испитуваат причините за конкретниот дефект и се спроведува внатрешна процедура со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета.
- Инаку, од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите осигурени се како објектот, така и опремата, наведуваат од СЈО.
