Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЈО БРОИ СИТНО: Ќе се разбудат ли заспаните убавици?

СЈО БРОИ СИТНО: Ќе се разбудат ли заспаните убавици?

Мандатот е кај претседателот, влада се уште нема, локални избори ни на повидок, а се ближи крајот на Специјалното јавно обвинителство. Позамрсена ситуацијата во земјава не може да биде. Кому му одговара ваков хаос и агонија на која не и се гледа никакво решение?

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева има уште еден месец рок за отворање на истраги и за поднесување на обвиненија за случаите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Така е предвидено во Законот за СЈО, во кој е определено дека СЈО има 18 месеци „од преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. 

СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на два пати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година. Тоа значи дека едниот рок е 4 јуни, а последниот е 30 јуни кога ова обвинителство треба да се расформира. 

„Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство, може да поднесе обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност“, пишува во Законот за СЈО.

Кој брои ситно: ВМРО-ДПМНЕ или СЈО?

Засега оваа „каша попара“ му оди во прилог единствено на ВМРО-ДПМНЕ кое иако гласаше за формирање на СЈО, уште од првиот ден е на ставот дека по истекот на 18-те месеци Јанева и нејзиниот тим треба да стават клуч на врата и да го затворат обвинителството. 

Продолжувањето на мандатот на СЈО беше единствената причина според ДУИ, зошто со партијата на Никола Груевски не договорија коалиција, а потоа и влада. 

Ставот на ДУИ е дека „продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство за расветлување на сите сомнежи што произлегуваат од скандалот со прислушувањето, е цел која не може да биде предмет на преговарање“.

Дијаметрално спротивен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ: „ ВМРО-ДПМНЕ нема да преговара и нема да дозволи продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство“. 

На иста линија со ДУИ се и другите две партии од албанскиот блок, Движењето Беса и Алијанса за Албанците. Абер за продолжување на мандатот на СЈО пратија и од Брисел, односно ЕУ смета дека мандатот треба да му биде продолжен.

СДСМ се залага да биде продолжен мандатот на СЈО, а како партија во идната влада најавуваат дека ќе бидат формирани и специјални судски одделенија за процесирање на предметите на Специјалното јавно обвинителство.

14 истражни постапки и поднесе три обвиненија: Дали се доволно?

На 15 декември 2015 година, специјалната јавна обвинителка соопшти дека СЈО е надлежно и ќе работи по 34 предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство Скопје на 4 декември 2015 година, на СЈО му предадоа 31 предмет од незаконското прислушување, а Јанева доби и случаи од обвинителствата во Битола и во Куманово.

На 30 декември 2015 година, пак, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на СЈО му ги предаде сите материјали, снимки и транскрипти од „бомбите“.

Ако не се смени законот, Јанева до почетокот, односно до крајот на јуни годинава има рок за истраги и за поднесување обвиненија. Во досегашниот период од една година, СЈО отвори 14 истражни постапки и поднесе три обвиненија.

СЈО во овој период се соочува со низа опструкции од повеќе државни институции, особено од Кривичниот суд во Скопје и од Јавното обвинителство.

Уставниот суд е институција која засега не е активирана во „докрајчувањето“ на СЈО, каде иако е испратена иницијатива за оценување на законитоста на ова обвинителство, засега Судот не го отвора предметот од кој ќе зависат многу клучни работи за конечен излез на две и пол годишната криза во Македонија. 

Ј.М.

Слично

Поврзани вести