СИТОНИЈА ОПУСТОШЕНА ОД НЕВРЕМЕТО: Македонците не се откажуваат од одмор во Грција?
Македонците нема да се откажат од одмор во Грција, дури и ако се работи за летувалиштата кои деновиве беа зафатени од невремето, потврдуваат од туристичките агенции.
Со години наназад Грција е топ дестинација за македонските туристи. Деновиве дел од граѓаните се распрашувале во агенциите каква е состојбата во Грција, но откажување на аранжмани нема.

„Ние не можеме слободна соба да најдеме, а не пак да има откажување. Луѓето гледаат на вести што се случува, информирани се. Ние Грција ја работиме најмногу и е број еден заради близината и цените се прифатливи за луѓето, со мали корекции. Сега има пожари во Црна Гора и Хрватска, но за тие дестинации интересот е послаб“ – вели Никола Митревски, сопственик на туристичка агенција Ариес од Битола.
Од туристичка агенција од Скопје велат дека граѓаните се упорни кога е во прашање одморот во Грција, па дури и кога станува збор за невреме и поплава сметаат дека за ден - два тоа ќе помине, по што ќе продолжат нормално со одморот.
„Нема паника кај туристите. Веруваат дека и да има невреме ќе биде тоа кратко и нема да имаат некои проблеми“ – додаваат од агенцијата.
Од туристичка агенција од Велес објаснуваат дека граѓаните се интересираат дали состојбата во Грција е нормализирана, но ништо драматично не се случува и не опаѓа интересот за посета на јужниот сосед.

На Халкидики циклонот „Медуза“ пред два дена пред извика штети, носеше автомобили, поплави апартмани и хотели. На метар квадратен површина паднаа над 181 литар дожд, нешто што не се случило за период од 50 или 60 години.
Во меѓувреме германскиот весник „Шпигел" пишува дека во Грција годинава од странски посетители ќе се слејат 14 милијарди евра. Весникот наведува дека туризмот кај јужниот сосед „цвета“ и дека ќе биде поткрепа за ранливата економија на земјата. Се очекуваат околу 30 милиони туристи, а тоа е повеќе од претходните години.
Сања Атанасовска
