Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВО СУД: Сите се невини и ветуваат дека нема да бегаат од правдата!

ВО СУД: Сите се невини и ветуваат дека нема да бегаат од правдата!

„Невин сум, нема да бегам“, ова се зборовите на сите обвинети во предметите на СЈО, кои досега се појавија во судница и кои бараат судот да им ги врати пасошите што им се одземени како мерки на претпазливост. Сите тврдат дека не се виновни за делата за кои ги гонат и дека затоа немаат намера да бегаат од правдата. 

Последниот кој тврди дека е невин и кој се појави пред апелационите судии е екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, обвинет во„Тврдина“ и „Таргет“ за злосторничко здружување во нелегалното прислушување на илјадници граѓани и за уништување на системите во МВР со кои се прислушувало. 

„Нема зошто да бегам. Јас сум убеден во мојата невиност и верувам дека во понатамошната постапка и судот ќе го увиди тоа. Досега само два пати не сум се јавил на покана и тоа затоа што бев во странство и немаше карти за да се вратам порано. Одговорно се јавувам на секој нивни повик. Така било досега, а од денеска можам да кажам дека мој збор е дека секогаш и на секој повик од судот ќе се јавувам уредно и ќе бидам присутен”, образложи Мијалков пред Кривичниот совет на Апелациониот суд на јавната седница.

Обвинителката Ленче Ристоска рече дека за Мијалков се води скратена постапка и не само што бара да не му се врати пасошот, туку поради опасност од бегство СЈО инсистира да му се определи мерка притвор.

„Во прилог ги доставуваме анкетните листови и документи од Трговскиот Регистар во Чешка на кои може да се види дека Мијалков е сопственик на имот и фирми во Чешка“, рече таа.

Обвинителите од СЈО истакнаа дека комуникацијата со него оди отежнато бидејќи на посочената адреса не живее и поканите се неуспешни. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски пак објаснуваше дека адресата на ексразузнавачот не треба секој да ја знае и бидејќи Мијалков имал највисок степен на безбедносен ризик, поради што МВР му доделило и шестмина телохранители да го чуваат. Шврговски смета дека СЈО води политичка пресметка против Мијалков.

Во судот се појави и поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски кој исто така рече дека не се чувствува виновен и нема зошто да бега. СЈО за него стравува од бегство поради тоа што работи како директор во антикриминалната регионална организација Селек во Букурешт и често патува.

Во судница единствено не се појави поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујевски, а адвокатите го оправдаа дека имал здравствнеи проблеми со притисокот. 

Според СЈО тој често ги злоупотребува боледувањата и додека не се појавувал во судот или обвинителството и одел во МВР или пак на натпревари. 

СЈО бара притвор за него и поради опасност од влијание на сведоци. При претресот во неговиот дом пронашле тефтер во кој имал податоци од сите сведоци кога доагале во СЈО, што биле прашувани и што одговарале. За одбраната, СЈО не нуди докази за да го поткрепи барањето притвор.

Апелациониот суд во наредните денови треба да одлучи дали ќе ги прифати барањата на СЈО за определување притвор или пак на одбраната и ќе им ги врати пасошите на обвинетите. 

Апелација ги одби сите минатонедлени жалби со што остануваат одлуките на Кривичниот суд, според кои без пасоши остануваат поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексдиректорот на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски, новинарите Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска, како и Небојша Стајковиќ и Ѓоко Поповски од МВР.

СЈО поднесе жалби и за врвот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, Јанакиески, Јанкулоска, Протоѓер, Божиновски и тие се следните кои ќе треба да се појават во Апелациониот суд. Засега останаа без пасоши, СЈО за нив бара притвот.

Ј.М.


Слично

Поврзани вести