СИТЕ ВО РЕГИОНОТ СЕ ПОДОБРИ ОД НАС: Македонија има најмалку странски туристи
Ако ги споредиме податоците за странски туристи во регионот и кај нас, Македонија има далеку послаби резултати од земјите во опкружувањето.
Во 2020 година, според податоците на Светска банка, во Македонија пристигнале 118.000 странски гости, додека во истиот период во Албанија имало 2.7 милиони, Хрватска имала 21.6 милиони, Бугарија 5 милиони, Србија 446.000, БиХ 197.000, Словенија 1.2 милиони, Црна Гора 351.000 и Грција 7.4 милиони. И ако се гледа пошироко, на европско и светско ниво, голем е бројот на држави кои имаат подобри резултати од Македонија.

„Ние како прво, десет години застанавме, нема никаква промоција и полека сега се враќаме, се обидуваме да направиме некоја структура, не знаеме за 10 години каде сакаме да бидеме. Туризмот бара планирање, бара инвестиции и е една од индустриите која бара најмалку вложувања, а враќа многукратно. Ако дојде еден гостин, 15 индустрии директно и индиректно се засегнати од тоа. Едно шише вино продадено во маркет и сервирано на гости имаат повеќекратна вредност. Албанија има продадено во само еден музеј во Скадар, преку 800.000 влезници по 4 евра. Еден странски турист во Албанија троши по 70-80 евра само за влезници на атракции. Тоа е фантастично. Верба и работа, со план и да нема промена. Тој план треба да оди напред. Ние имавме одлични резултати врз база на сработеното до 2015 година, а сега сме без план и тоа мора да се промени, затоа што шансата на Македонија е туризмот и одржливото земјоделство, за благодат на сите наши граѓани. Не постои индустрија, освен туризмот што може да генерира бизниси за кратко време. Мора овој сектор да го поставиме таму каде што му е местото и да го третираме како што треба. Една Молдавија граби напред. Имаме предиспозиции, само да се зафатиме плански да работиме, сите заедно“, вели Влатко Сулев, туристички работник и претседател на Национална асоцијација за дојдовен туризам на Македонија.
За споредба на пример, Киргистан имал 8.5 милиони странски туристи, а Узбекистан 6.7 милиони. Грузија имала 1.5 милиони странски посетители во 2020 година, а Ерменија имала 375.000.
Повеќе од 30 години една од најпопуларните дестинации за туристите во светот е Франција. Во 2020 година оваа земја имала 117.1 милион странски посетители. Шпанија имала 36.4 милиони, САД имале 45 милиони, Кина 30.4 милиони, Италија 38.4 милиони, Турција 16 милиони, а Мексико 51.1 милион странски туристи. Во Тајланд имало 39.9 милиони странски посетители. Во регионот, Албанија на полето на туризмот се наметнува како многу сериозен играч и тие целат кон зголемување на бројот на туристи.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
