Сите спорни договори на Пројковски - служел производи со изминат рок
Инспекторите ги анализираат договорите кои поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски, ги склучил во периодот од 2015 до 2017 година и се утврдуваат индиции за „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство“.
Спорните јавни набавки се со вкупна вредност од 409.191.000 евра, објави „Макфакс“.
За две години потрошил 60.000 евра за обезбедување на објектот, а за реализација на овие договори не бил поставен надзор за извршување на договорните обврски.
Договорите за одржување на хигиената најверојатно се незаконски склучувани, но и продолжувани без анекс, а на истата фирма по истекот на договорот и биле исплатени дополнителни 14.000 евра, без да постои било каков документ.Во наведената постапка околу реализација на договорот воопшто не е поставен надзорен орган, а од исказите на дел од вработените службени лица обемот на реализација на договорот за јавна набавка не е вршен согласно спецификацијата приложена во тендерската документација.
Во 2016 година создал дополнителна дејност подготовка и послужување на пијалоци.преку подружницата БИФЕ МНТ, а како овластено лице се поставил самиот, односно е назначен Дејан Пројковски. Дополнително, констатирани се состојби на неодговорно работење со производите, односно со изминат рок, недостаток на испорачани производи, производи кои ги нема на листата на набавки, поради што по вештачењето ќе биде иницирана постапка за утврдување на одговорност за незаконското и несовесно работење со подружницата.
Утврдени се енормно високи цени за превоз на лица и опрема во и надвор од државата кои се далеку повисоки од вообичаените цени на пазарот, додека во делот на услугите за резервација на авио-билети е злоупотребена можноста преку годишниот план за јавни набавки да се фаворизира одредена агенција. Утврдено е дека се трошени средства за авио-билети по цени далеку повисоки од вообичаените цени на пазарот.
Има сомневања дека се ненаменски трошени по околу 32.000 евра на годишно ниво за услуги за ракување со сценските системи, иако МНТ инал таков кадар.
Ова се само дел од сомнителните ставки за јавните набавки што ги потпишувал Пројковски. Предмет на детална анализа се договорите склучувани со надворешни фирми и физички лица од кои театарската куќа речиси и немала потреба, бидејќи стручен кадар и лица за истата работа има на редовниот платен список на МНТ. Од тука е интересот да се испита кој и зошто се плаќал, и каде завршувале тие пари.
