Економија, финансии, бизнис

Контакт

СИТЕ СЕ ОГРАДУВААТ: Под чија надлежност е градинката во која деца се учат на верски обреди?

СИТЕ СЕ ОГРАДУВААТ: Под чија надлежност е градинката во која деца се учат на верски обреди?

Фондацијата „Мустафа Паша“ ги демантира државните институции дека има било каква поврзаност со одржување на верска настава за деца во нелегални градинки под името Пчелка, односно Блета на албански. Од оваа Фондација посочуваат и дека веќе биле на разговор во ресорното министерство и оти добиле документ дека тие немаат никаква врска со случајот кој ја разбранува јавноста.

„Нашата организација нема никаква врска и поврзаност со организацијата Блета за која станува збор. Покрај тoa што немаме заеднички допирни точки со спомнатата организација исто така не ги познаваме. Спомнатата организација не знаеме што работи и немаме никакви слични активности. Ние сме организација која покрај културните имаме активности за помош на луѓето. Овие активности со сигурност се во рамките на законот, затоа градинка и други образовни организации ниту сме имале ниту планираме некогаш да имаме“- велат за Фактор од Фондацијата „Мустафа Паша“.

Оттаму додаваат дека  сите културни и хуманитарни активности, кои тие ги организираат се целосно во согласност со принципите на законите во Македонија и се спроведени без никаков надоместок. Дополнително најавуваат тужби доколку не се коригираат информациите.

„Нашиот адвокат прво ги предупредува здруженијата и организациите кој без никаков доказ даваат вести за медиумите. Лицата и организациите кој невоздржано и без никаков правен доказ даваат лажни вести во медиумите за нашиот вакуф/организација и основачите, ако не ги корегираат информациите ќе бидат тужени. “, велат за Фактор од Фондацијата „Мустафа Паша“.

Претходно, Министерството за труд и социјална полтика, токму оваа организација ја поврза со случајот со одржување на верска настава во нелегални објекти. Тогаш од ресорното министерство посочија дека на локација во Општина Чаир најдена по укажување на граѓани биле затекнати деца во приватна куќа во адаптирани училишни простории со соодветна опрема и биле затекнати две наставнички. И децата и наставничките потврдиле дека тука се одржува настава со верски обреди.

„По барање на инспекторот од Државниот инспекторат за труд за увид во документацијата за работа на објектот, било кажано дека целокупната документација ја поседува сопственикот на хуманитарното здружение „Мустафа Паша“, кој е турски државјанин. Исто така, од кажување на присутната наставничка оваа хуманитарна организација имала повеќе објекти со ист воспитно образовен карактер, но истата не знаела каде се наоѓаат, посочија од Министерството за труд и социјална политика, на првиот ден кога се објави случајот.

Но, откако беше обелоденет случајот, на терен излегоа и Државниот просветен инспекторат од Министерството за образование. По извршениот увид се прогласи за ненадлежен за понатамошно постапување. При тоа, просветните инспектори посочуваат дека извршиле инспекциски надзор во „Здружението за едукација на жени и деца БЛЕТА & НЕКТАРИ” во општина Чаир. Присутните изјавиле дека здружението дава помош на жени и деца од воспитен и социјализирачки карактер, исхрана, прошетки и посети на забавен парк, како и друг вид на помош по барање.

„Активностите се објавуваат на фејсбук страна и родителите во целост се информирани за сите активности на децата во текот на денот. Активностите се доброволни. А, од здружението изјавиле дека се во тек на отпочнување на постапка за отворање на приватна детска градинка“ – појаснуваат од просветниот инспекторат.

Просветниот инспекторат констатирал дека во посетениот објект не функционира детска градинка, ниту образовна установа регистрирана согласно позитивните прописи за дејност. 

За случајот се произнесоа и од Меѓаши. Велат дека родителите самоволно и по свое лично убедување ги праќале децата во тој центар и имале сознание дека тука освен друго се учат и основните верски одредби. Всушност тоа било и причината поради која тие ги запишале децата во таа ,,градинка”. Родителите знаеле каде ги пуштаат децата, тие се дел од тоа здружение и сакаат децата покрај другото да ги научат и верските практики.

„Апелираме до пошироката јавност, родителите, старателите, да ги заштитат децата од секаков тип ширење етничка, верска, национална, расна и други типови омраза. Сметаме дека е неопходно државата да направи регистри за сите дневни и едукативни центри во рамките на граѓанските здруженија и да обезбеди следење на програмите на истите“ - велат од Меѓаши.

Оттаму додаваат дека, верското образование, верските обреди, крстења, првата причест и сите религиски теми се работа на семејството, а не на државата. Децата кога ќе станат полнолетни сами ќе одлучат дали ќе продолжат да веруваат на ист начин, ќе одберат ли некоја друга вера или ќе бидат атеисти или агностици. Тоа спаѓа во приватната сфера, а училиштата и градинките се јавни установи. Детските градинки се јавни установи и сите кои работат во градинките мора да се придржуваат на позитивните прописи на Република Македонија со кои се гарантира заштитата на детските права и најдобриот интерес на детето и неговиот развој во духот на прифаќање, споделување, примање како и други вредности во духот на мултиконфесионализам

Н.С.

Слично

Поврзани вести