Економија, финансии, бизнис

Контакт

СИТЕ САКААТ ДА РАБОТАТ ЗА ПЛАТА ОД 7.000 ЕВРА: Дури 170.000 лица се пријавиле на оглас за работа во институциите на ЕУ

СИТЕ САКААТ ДА РАБОТАТ ЗА ПЛАТА ОД 7.000 ЕВРА: Дури 170.000 лица се пријавиле на оглас за работа во институциите на ЕУ

Дури 170.000 луѓе се пријавиле на конкурс за работа во институциите на Европската Унија, но само мал дел од нив ќе имаат можност да добијат работно место со плата меѓу 6.000 и 7.000 евра месечно.

Според соопштението на Европската канцеларија за селекција на персонал (EPSO), бројот на пријавени кандидати ги надминал сите очекувања. Иако интересот е огромен, се проценува дека ќе бидат достапни помалку од 1.500 работни места, што значи дека конкуренцијата е исклучително голема.

Кандидатите во следниот период ќе треба да поминат низ процес на селекција кој вклучува когнитивни тестови и дополнителни испити, кои ќе се одржуваат во текот на наредните месеци. Оние што ќе ги поминат успешно ќе можат да конкурираат за позиции во институциите на ЕУ во категоријата AD-5, каде што почетната плата се движи од 6.000 до 7.000 евра месечно, со можност за напредување на повисоки функции во иднина.

Овој конкурс е наменет за општи профили на кандидати, а не за специјализирани позиции како правници, преведувачи или експерти за човечки ресурси. Вакво вработување за општи профили не било организирано од 2019 година, поради што многу потенцијални кандидати во меѓувреме работеле како привремени соработници или преку агенции, без сигурност и бенефиции какви што имаат редовно вработените службеници во ЕУ.

Некои земји-членки дури започнале посебни кампањи за охрабрување на своите граѓани да се пријават, со цел да ја зголемат својата застапеност во европските институции. Во одредени случаи, државите финансирале и подготовка за тестовите и обезбедиле менторска поддршка за кандидатите.

Кога последен пат се одржал ваков конкурс пред седум години, имало 22.644 пријавени кандидати, додека годинава првичните проценки биле дека ќе се пријават околу 50.000 лица. Сепак, бројката на крај достигна дури 170.000 кандидати.

Годинешните тестирања на EPSO ќе се одржат онлајн, за разлика од претходните години кога кандидатите полагаа во специјални центри за тестирање. Сепак, експертите предупредуваат дека организирањето на тестирање за толку голем број кандидати ќе биде сериозен логистички предизвик.

Еуправозато

Слично

Поврзани вести