СИТЕ ПОГЛЕДИ ДЕНЕСКА ВПЕРЕНИ КОН ВИЛА ВОДНО - Пендаровски и Мицкоски ќе го топат мразот, на масата настаните од 27 април
Што ќе донесе денешната средба на Вила Водно. Шефот на државата Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во 15 часот ќе имаат средба, на која, според најавите од партијата, ќе се разговара и за осудените во случајот 27 април, но и за актуелната политичко-економска состојба во змјава.
Средбата била закажана по телефонскиот разговор што го имале Пендаровски и Мицкоски, на барање на лидерот на опозицијата.
На брифинг со новинарите, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, рече дека по последниот став на претседателот, се одмрзнуваат односите меѓу партијата и Пендаровски, затоа што, според него, на земјава и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители. Одмрзнувањето на односите со Пендаровски, Мицкоски го оцени како поддадена рака во, како што нагласи, можеби најтешките историски времиња на нашата државност.
Претседателот Пендаровски по најавата за денешната средба само кусо коментира дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Република Македонија. Тоа, вели Пендаровски, може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, што многу недостига во нашата земја.
Премиерот Зоран Заев смета дека денешната средба може само да донесе нешто добро.
„Ќе соопштат тие се што ќе разговараат, ќе слушнеме, но, еве јас да апелирам што и да е нека се бараат решенија нормално, но, секако да се почитуваат вредностите за кои огромното мнозинство на нашето население очекува да бидат испочитувани од сите без разлика дали е тоа Владата, претседателот, опозицијата или слично за теми за коишто се најавува и дека се разговара“, рече премиерот Заев.
ВМРО-ДПМНЕ минатата година соопшти дека ќе ги замрзне односите со претседателот на државата откако тој по парламентарните избори одлучи да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
