СИТЕ „ЕПСКИ“ НЕСРЕЌИ ШТО ЈА ПОГОДИЈА МАКЕДОНИЈА - бројни се жртвите на гнилиот систем, ќе ја научиме ли лекцијата
Македонија не памети поголема трагедија од ужасната несреќа во кочанската дискотека.
Од она што вчера во доцните часови го говореше јавниот обвинител, но и од неофицијалните информации кои кружат во јавноста, а за кои ќе чекаме барем да бидат дематирани, или можеби нема, се доаѓа до заклучок дека виновници има многу, и дека многумина од нив седеле или и можеби уште седат во некакви удобни фотелји, од каде или потпишале нешто што не треба, или нешто требало да потпишат, а тоа не го сториле согласно законите.
Премиерот Христијан Мицкоски вети дека сите нив ќе ги стигне правдата. После владеење од девет месеци на оваа гарнитура, можно е дека такви има и нејзините редови.
Во надеж дека и поранешните, но и сегашните одговорни за најголемата трагедија што и се случи на оваа напатена држава во историјата на нејзиното постоење, Фактор само сака да потсети на само некои од ужасите кои и се случија на оваа држава, а кои имаа драматично големи смртни последици. Да не зборуваме притоа за бројните несреќи кои секојдневно ни се случуваат и завршуваат со смртни последици.
На речиси сите случаи заедничко им е тоа што системот не функционирал така како што требало. Некој бил поткупен, па доделил некоја дозвола, некој не исконтролирал нешто како што треба, некој замижал или, пак нечиј дилетантизам или неспособност биле пресудни за големите несреќи, но факт е дека системот длабоко затаил. Сите овие се жртви на „гнилиот“ систем, на неказнивоста, на корупцијата, на одењето по линија на помал отпор, на политизираноста...
Се сеќаваме сите, или барем постарите од нас, дека во 2009 година се случи бродска несреќа во Охрид, во која животот го загубија 15 бугарски туристи. Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, и ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Имаше министерска оставка, која потоа не беше прифатена. Две седмици по потонувањето, бродот „Илинден“ на 19 септември беше извлечен на површината на Охридското Езеро. Истиот ден бродот беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денеска, како нем сведок на трагедијата што однесе 15 човечки животи.
Во 2019 година, на 13 февруари, се случи страшна сообраќајна несреча кај селото Ласкарци. Животот го загубија 16 лица, во ужасна несреќа во автобус кој се преврте. За сите обвинети за несреќата што му се случи на превозникот Дурмо Турс, беше пресудено дека се виновни.
За сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, беа изречени овие неправосилни пресуди: 14 години затвор за возачот на автобусот Маноил Трифуновски, а најблага казна од сите, 4 години затвор, доби првообвинетиот Дурмиш Белули, газдата на компанијата. Шест години доби второобвинетиот Ремзи Мифтари, а по 5 години затвор вработените во техничкиот центар на истоимената фирма, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски.
Тие беа обвинети дека од 2 јули 2018 година до 13 февруари 2019 година, обвинетиот сопственик на „Дурмо турс” фирмата превозник и обвинетото одговорно лице за возниот парк на превозникот, не се придржувале кон прописите за безбедност на автобускиот сообраќај за масовен јавен превоз. Иако биле свесни дека може да настапи штетна последица, предизвикале опасност за животот и телото на луѓето кои се превезувале во автобусот на критичниот ден на релација Скопје-Гостивар. Сопственикот на компанијата превозник единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата. Сопственикот на „Дурмо турс“ иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Притоа, во превозникот не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во превозникот.
Во септември, 2021 година, во модуларната болница во Тетово, во страотен пожар, животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Од 14-те луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните. Во Основен суд Тетово се водеше судски процес во текот на 2022 и 2023 година. Имаше условна пресуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“. По жалба на обвинителството Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка. Во првостепената пресуда за директорите беше изречена казна затвор од по една година и шест месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата. Во меѓувреме Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави сторија со која ги откри недоследностите при креирањето на обвинителниот акт и вештачењата за причината за пожарот. Во време на пожарот министер за здравство беше актуелниот лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој веднаш по настанот си даде оставка од морални причини, но тогашниот премиер Зоран Заев не ја прифати.
Во ноември 2021 година се случи сообраќајната несреќа во Бугарија во која се запали автобус на „Беса транс“. Загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени. Автобусот беше дел од групата од четири автобуси на „Беса транс“ кои се враќале од организирано патување во Истанбул.
Казна затвор од една година и осум месеци доби сопственикот на „Беса транс“ Беким Хаџиу бидејќи фалсификувал документи кои потоа ги користеле возачите кога со автобусите ја напуштале државата. Казнета беше и фирмата „Беса транс“ како правно лице со парична казна од 800.000 денари и доби забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата.
Во Бугарија се водеше судски процес за несреќата, а вината беше лоцирана кај возачот, кој исто така загина. Подоцна и бугарската страна утврди „вина“ и на нејзината делница. Значи и овде, некој замижал или не видел добро, а бројот на жртвите беше огромен.
Н.Н.Ф.
