Економија, финансии, бизнис

Контакт

Системското демонтирање на СЈО и што потоа?

Системското демонтирање на СЈО и што потоа?

ВМРО-ДПМНЕ успеа систематски да го демонтира поранешното Специјално јавно обвинителство, и на тој начин да ги поништи сите т.н. придобивки од Шарената револуција во периодот кога беше создадена најцрната слика за партијата. 

Во неверојатен политички камбек ВМРО-ДПМНЕ се трансформираше од партија на злосторничко здружување до реформска сила која има убедливо највисок рејтинг и комотна позиција во држава со апсолутна власт. 

Смената на републичкиот јавен обвинител и притисоците врз Советот на судии им отвара пат за целосна промена во правосудството како последниот бастион на политичко влијание на претходната власт предводена од СДСМ, но прашањето е што понатаму - вистински реформи кои се под европскиот микроскоп или враќање на „тефтерчињата”.

Од „нема правда“ нема мир остана само ехо

Распадот на СЈО започна уште при неговото формирање. Моментот кога тогашниот премиер Никола Груевски даде согласност за избор на Катица Јанева, релативно анонимен обвинител од Гевгелија, требаше да биде некаков сигнал за тогашната опозиција и протестното граѓанско движење дека нешто тука „не штима“.

Специјалната јавна обвинителка беше опфатена во корупцискиот скандал „Рекет“ по што самата заврши зад решетки, а со тоа фрли сомнеж врз целосното работење на СЈО и мотивираноста за отворените истраги и обвиненија.

Но, обидите да се одржи духот на СЈО внатре во редовните обвинителства беше јасно дека нема да трае вечно, особено не по промената на власта и мисијата да се „исперат“ речиси сите поранешни функционери од обвиненијата и судските процеси кои произлегоа од „бомбите” на Зоран Заев.

Трите грации или Чарлиевите ангели некогаш беа симбол на надежта дека може да се врати правдата во Македонија, но корупциските скандали, политичките влијанија и селективноста во водењето на истрагите го сруши тој мит, а ВМРО-ДПМНЕ само го бетонираше епитафот со прецизен политички притисок.

Професионализација или партизација на правосудството 

Владата на Христијан Мицкоски покажа одреден степен на трпеливост во напорите за промена на листовите во правосудниот систем, од интерпелации за членовите на надзорните совети, па се до давање шанса на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се до неговото неодамнешно разрешување и изборот на Ненад Савевски кој доби позитивна оценка од Советот на јавни обвинители, а потоа беше изгласан и во Собранието на Република Македонија.

Остатоците од предметите кои ги водеше СЈО имаа ограничени правни последици поради претходните амнестии, политички пазарења и промените на Кривичниот законик со кои одредени кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување и корупција застареа или беа намалени затворските казни.

Ова „расчистување” особено по оставката на обвинителката Ленче Ристовска може да се толкува како партиски притисок или реваншизам, но јасно беше дека одредени процеси се водеа чисто од политички побуди за опонирање на актуелната власт, за што дури се водеше и внатрешно обвинителска пресметка со тужби и дисциплински постапки.

Недостигот на критична маса и опозициски притисок може повторно да доведе до заробување на државните институции. Застојот во европските интеграции, особено кога клучните преговори за поглавјата борба со корупција и реформи на правосудството не се на дофат, може да и обезбеди на власта подлога за злоупотреби.

Крајниот епилог од демонтирањето на СЈО и преструктуирањето на обвинителството не смее да биде само замена на едни „тефтерчиња“ со други.

Доколку ВМРО навистина сака да се легитимира како реформска сила, ќе мора да докаже дека новиот јавен обвинител и измените во правосудните институции не се само „бетонирање“ на партиската моќ, туку создавање на систем кој ќе биде одговор на барањата за правда но, и реална подготовка на земјата за членство во Европската Унија. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести