Системот „Мој Термин“ функционира отежнато
Пациенти реагираат дека системот за закажување прегледи „Мој термин“ денеска не работи или е многу успорен во целава земја. Без исклучок, состојбата е иста и во примарна и секундарна здравствена заштита.
„После продолжен викенд, кога има секогаш наплив на пациенти, ‘Мој темин’ не функционираше. Не можевме да ги прегледаме пациентите не по наша вина, а тие незадоволството го искажуваа кон нас. Не можевме да ги пратиме на специјалист, да пишеме лекови, да одат на проверка на крвна слика. Се создаде многу нервоза, многу пациенти, лош почеток на работата недела“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).
Директорот на „Мој термин“, Фикрет Шабани, за „Слободен печат“ вели дека системот денеска работи, но е бавен. Тој истакна дека претходните денови функционирал без проблем, но на секој почеток на месец системот е преоптоварен поради зголемен внес на податоци.
— Чекаме одговор од ИТ техничарите од ФИНКИ за да дознаеме дали станува збор за инцидент или за хардверски проблем. Системот е стар 10 години, годишно се внесуваат од 20 до 40 милиони рецепти и околу 12 милиони упати. Инфраструктурата е застарена, но за еден до два месеца целиот систем ќе биде префрлен во новиот дата-центар, што ќе овозможи хардверски и софтверски подобрувања — изјави Шабани за „Слободен печат“.
