Економија, финансии, бизнис

Контакт

СИРИЗА БАРА МИЦОТАКИС ДА УПАТИ ДЕМАРШ: Турскиот министер во Скопје го употребил името Македонија

СИРИЗА БАРА МИЦОТАКИС ДА УПАТИ ДЕМАРШ: Турскиот министер во Скопје го употребил името Македонија

Од грчката партија СИРИЗА се лутат затоа што турскиот министер за надворешни работи,  Хакан Фидан вчера во Скопје го употребил името Македонија, без придавката Северна.

СИРИЗА ги осудува сериозните прекршувања на Договорот од Преспа од турскиот министер за надворешни работи,  Хакан Фидан за време на неговата посета на Република Северна Македонија и ја повикува Владата да престане да ги потценува турските провокации и конечно да реагира динамично, соопштија од грчката опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА велат дека „овој провокативен турски став не е случаен“, туку според нив е последица на политичките одлуки на Владата на Кирјакос Мицотакис, која „систематски води нетранспарентна надворешна политика, нанесувајќи им штета на националните интереси, избегнувајќи сите овие години какво било активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“.

„Индикативен е фактот што посетата на турскиот МНР има за цел зајакнување на стратешките односи со Северна Македонија, а од друга страна Нова демократија не се погрижи да ги развие билатералните стратешки односи и улогата на Грција кај соседната земја, со ратификување на меморандумите, потпишување нови и свикување на предвидените Високи совети за стратешка соработка, при што веќе се очигледни последиците за нашите национални интереси“, велат од СИРИЗА.

Тие го повикаа грчкиот премиер да преземе дипломатски дејствија со демарш за „Турција конечно да се усогласи со меѓународното право и реалноста“.

Грчката телевизија „Скај“ коментираше дека министерот за надворешни работи на Турција на прес конференцијата користел и Северна Македонија и Македонија, нешто што го поткрепија со видео од изјавите на Фидан.

Договорот од Преспа е потпишан на 17 јуни 2018 година во Нивици и со него е ставен крај на спорот меѓу Македонија и Грција за името. 

Слично

Поврзани вести