СИНДИКАТОТ ЖЕСТОКО ГО НАПАДНА УСТАВЕН СУД: Со денешната одлука дозволивте странци да ги експлоатираат македонските работници
Остра реакција од Сојузот на синдикати на Македонија кон Уставниот суд, велат дека со денешната одлука се дозволува да се работи и по 72 часа на ден.
„Сојузот на синдикатите на Македонија, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија и целокупното работничко движење во Македонија се крајно разочарани и револтирани после информациите дека Уставниот суд не повел постапка за утврдување на Уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој се дозволи да се работи 72 часовна работна недела или со кој се дозволи работниците во Македонија да работат 12 часа дневно, или 32 часа подолго од полното неделно работно време од 40 часови.
Уште пострашно е тоа што Уставниот суд потклекна под бизнис интересите и за повеќе од една година го промени ставот со оглед на тоа што веќе еднаш истиот Уставен суд донесе Одлука со која ја укина првата намера во Македонија да се воведе 60 часовна работна недела.
Работниците во Македонија, најостро го осудуваат денешниот чин со кој се забетонираа работничките права, особено правото на пристојно работно време и достоинствената работа, но очигледно дека во Македонија одамна нема достоинство и пристојност, а владеењето на правото е исклучливо право на бизнисот и богатите наспроти работниците и сиромашните.
Денешната Одлука на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската унија во 2024 година.
Очигледно е дека само Сојузот на синдикатите на Македонија останува единствена брана и кој се бори за работниците, а затоа сакаат да го срушат, па македонскиот работник конечно треба да бира дали ќе се бори или ќе се сели од Државата, зошто друг избор нема, нема друг пример во светот каде што Државата сама дозволува на странски експлоататори да ги експлоатираат домашните работници.
Ова е најцрната честитка по повод 60 години од Уставниот суд, а тоа е дека работниците сами бираат да бидат робови и тоа според неколку судии во Уставиот суд е уставно“, се вели во писменото соопштение од ССМ.
А, Уставниот суд соопшти дека одлучил да не поведе постапка за оценување на уставност на три члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи.
„Имено, не се прифатени наводите во иницијативите на политичката партија Левица, Хелсиншки комитет за човекови права, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање бидејќи Судот не најде неуставност во одредбите кои уредуваат меѓу другото и прекувремената работа за проекти од стратешко национално значење.
За потсетување, со оспорениот член 117-а е предвидено дека по исклучок за работа на проекти од стратешко национално значење, а поради потребата од контитуниет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна писмена согласност на работникот.
Според Уставниот суд неосновани се наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа. Таа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор во согласност со членовите 133 и 134 од Законот за работните односи. Токму овие членови го регулираат правото на дневен одмор, односно правото на работникот да има дневен одмор од 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена и правото на работникот на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато.
Во однос на писмената согласност од страна на работникот. Членот 32 став 4 од Уставот предвидува дека секој има право на платен дневен неделен и годишен одмор и дека од тие права вработените не можат да се откажат. Токму формулацијата на оспорената законска одредба дека „ниту еден работник не може да биде распореден да работи прекувремена работа без негова согласност” според Судот упатува дека прекувремените работни часови се негов избор, а не обврска.
Писмената согласност претставува дополнителна заштита на работникот дека не може да му биде наложена прекувремена работа спротивно на неговата волја и над законскиот лимит. Во овој контекст Судот ја земаш предвид и Европската социјална повелба на Советот на Европа од 1961 година која ги гарантира социјалните и економски човекови права, и којашто во Македонија се применува од 2005 година. Според таа Повелба признато е правото на правична заработувачка, но и правото на зголемена заработувачка на работниците за прекувремена работа, со исклучок на некои посебни случаи.
Уставниот суд оцени дека оспорениот член 1 не е во спротивност со членот 32 од Уставот според кој правата на вработените се остваруваат со закон и колективен договор, односно Судот оцени дека во конкретниот случај не постои загрозување на правата од работен однос, затоа што тој член не се однесува на правото на работникот на плата.
Во однос на наводите за евентуално нарушување безбедноста и здравјето при работа на работниците, Уставниот суд нема надлежност да се впушта во расправа за претпоставени прашања, земајќи го предвид фактот дека тие односи меѓу работникот и работодавачот се уредени со договри за работа, а должност е на Државниот инспекторат за труд да проверува дали тие права и обврски се почитуваат.
Согласно член 117 став 6, работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор за труд што претставува посебна заштита на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење“, се вели во опширното соопштение од Уставниот суд.
