Економија, финансии, бизнис

Контакт

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот Зоран Љутков

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот Зоран Љутков

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека поднел кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, поради сомневање за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „повреда на правата од работен однос“.

Од Синдикатот денеска пред Основното јавно обвинителство истакнаа дека пријавата ја поднесуваат со жалење, но нагласија дека сметаат оти е оправдана, бидејќи, според нив, министерот со свои насоки и упатства се обидел да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори.

-Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за работнички права, денес е симбол на нивното кршење, порачаа од СКРМ.

Според Синдикатот, спорното упатство веќе е оспорено и пред Уставниот суд, со барање да биде ставено вон сила и поништено поради неуставност. Од таму велат дека и покрај апелите, предупредувањата и правните аргументи, министерот не прифатил дијалог.

СКРМ тврди дека последиците од ваквото постапување се веќе видливи, посочувајќи дека има повеќе од 800 тужби од вработени во културата против институциите и државата, како и над 50 судски пресуди, од кои осум се правосилни.

-Министерот останува глув за законите, глув за правдата и глув за културните работници, истакнаа од Синдикатот.

Оттаму посочија и дека по последната изјава на Љутков од собраниската говорница, во која, како што велат, се обидел да ја релативизира една судска пресуда, Основниот суд Битола повторно ја потврдил првостепената одлука.

Покрај кривичната пријава против министерот, СКРМ најави дека ќе поднесе пријави и против директорите на институциите од културата, бидејќи, според нив, постапувале по незаконски насоки и ги прекршиле правата на вработените.

-Директорите беа писмено предупредени дека ако постапат по незаконски налози, ќе следуваат кривични пријави. Им беше дадена цела една година да ја исправат грешката, но тие избраа да продолжат по погрешниот пат, велат од Синдикатот.

СКРМ додава дека случајот повеќе не е само спор меѓу Синдикатот и Министерството, туку прашање дали законите важат за сите. Поради тоа, најавуваат и постапки пред Меѓународната организација на трудот, која, според нив, веќе покажала сериозен интерес за состојбите во културата.

Од Синдикатот порачаа дека доколку институциите продолжат да молчат, случајот ќе биде отворен и на меѓународно ниво.

-Законот или важи за сите, или не важи за никого. А кога законот не важи, правдата умира, порачаа од СКРМ.



Слично

Поврзани вести