Економија, финансии, бизнис

Контакт

СИНДИКАТОТ НА УПОЗ СО ГОДИНИ БАРАЛ НАГРАДИ ЗА ВРЕДНИТЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ - но зошто тоа се прави со Уредба, а не со закон

СИНДИКАТОТ НА УПОЗ СО ГОДИНИ БАРАЛ НАГРАДИ ЗА ВРЕДНИТЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ - но зошто тоа се прави со Уредба, а не со закон

Во исти ден кога донесе одлука да прогласи кризна состојба и без за тоа да ја информира јавноста, Владата донела уредба за зголемување на платите на дел од вработените во јавната администрација, до 30 отсто од редовната плата, а што би важело за оние работници кои ќе имаат зголемен обем на работа, или се истакнале во кризни ситуации, како на пример онаа со ковидот или со пожарите.

За Фактор оваа одлука ја потврдија од Владата.

Синдикатот на УПОЗ, пак, што е нивна првична реакција, давањето награди за вредните административни службеници е нешто што тие од поодамна го барале и го има во колективните договори, но се против фактот што ова се прави преку владина Уредба, наместо со носење на закон со кој би се уредила таа материја, и би ги опфатило сите административни службеници.

Од Владата велат дека донеле Одлука за утврдување критериумите врз основ на кои може да се зголеми висина на месечен надоместок до максимум 30 отсто над редовната плата.

„Одлуката може да се примени на оние службеници кои ќе имаат зголемен обем на работа, прекувремени часови и дежурства, како и исклучителен резултат во служењето на јавниот интерес“, потенцираат од Владата.

Оттаму нагласуваат дека одлуката може да се однесува на максимум 30 отсто од вкупниот број вработени во институцијата.

Кој ќе добие додаток на плата, ќе одреди првиот човек на министерството или институцијата.„Праксата покажа дека во време на ковид 19 и кризни ситуации како тековната со пожарите, во институциите се издвојуваат поединци кои не се и нема да бидат повеќе од 30 отсто од вкупниот број вработени и кои понесуваат сериозен товар од работата во исклучителни ситуации.За службениците кои извршуваат вонреден обем и вонреден тип работни задачи, одговорното лице на институцијата може да донесе одлука за зголемување на месечниот надомест до најмногу 30 отсто“, објаснуваат од Владата во одговорот за Фактор.

Додаваат и дека Владата за оваа мерка разговарала повеќе месеци, имајќи ги предвид искуствата од вонредниот ангажман на дел од службениците за време на пандемијата, а одлуката ја донесе врз основа на информациите доставени од повеќе институции.

Притоа, во уредбата стои дека 15 отсто се дава за специфичност во работата и 15 отсто за зголемен обем во работата.

Инаку, оваа уредба е потпишана од вицепремиерот Артан Груби, кој раководел со владината седница, бидејќи тогаш премиерот Зоран Заев веќе бил отиден на годишен одмор, од кој, пак, се врати предвреме, поради пожарите.

Буџетски корисници каде вработените ќе добијат додаток на плата се Министерство за одбрана, МВР, правда, политички систем и односи меѓу заедниците, МНР, финансии, економија, земјоделство, здравство, МОН, труд и социјала, локална самоуправа, култура, МИОА, транспорт и врски, екологија, потоа Владата, Секретаријат за европски прашања, Секретаријат за законодавство, Државен завод за ревизија и 21-та институција е Службата за општи и заеднички работи.

Од УПОЗ сметат дека е добро што конечно ќе се наградат вработените.

„Но, ова не требаше да се прави со Уредба. Всушност, работниците не треба да се наградуваат со Уредба, туку тоа требаше да влезе во закон, односно или во измени на Законот за административни службеници, кој е донесен уште во 2015 година, или, пак, да се донесеше нов Закон за административни службеници, за што е веќе крајно време“, објаснуваат познавачите.

Се поставува и прашањето кои ќе бидат критериумите по кои ќе се одредува кој ќе добе награда, и како раководителите тоа ќе го одредуваат, односно дали ќе бидат мерливи тие критериуми. Всушност, фактот што ова се регулира со Уредба, а не со Закон, ги отвора сомнежите дека е можно наградите да отидат кај „свои“ луѓе блиски до сегашната власт.

Инаку, точно е дека баш во пандемијата имаше луѓе што заслужија награди. Имаше луѓе од администрацијата кои работеа и по 18 часа, а имаше такви кои седеа дома, признаваат синдикалците.

„Значи, ова синдикатот на УПОЗ го бара веќе неколку години наназад – да се најде начин за наградување на административните службеници, бидејќи тоа не постои во Законот за административни службеници. Но, Синдикатот се противи ова да се решава со Уредба, туку да се уреди со закон и да важи за сите административни службеници на ниво на цела држава. УПОЗ во повеќе колективни договори има ставено вакви одредби за наградување, но мора да има реални критериуми за извршување на работните задаи, по кои административните службеници би добиле додаток на плата од 30 отсто“, велат нашите соговорници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ова го оцени како предизборен поткуп од партијата на власт.

Инаку, Уредбата е донесена на 5 август, само еден ден пред да се распишат локалните избори, што значи дека за неа е фатен последниот воз.

Нина Нинеска-Фиданоска

фото: МИА

Слично

Поврзани вести