Синдикатот на културата со остри обвинувања: Министерот Љутков против судски пресуди и колективни договори
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) реагира остро на, како што наведуваат, новото „упатство“ издадено од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со кое повторно се оспорува законското зголемување на платите на вработените во културата, и покрај веќе донесени правосилни судски пресуди.
Според СКРМ, наместо да ги спроведе судските одлуки со кои јасно е утврдено дека платите во културата треба да се зголемат за 10 отсто согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор, министерот повторно ја применува, како што велат, незаконската формула за пресметка на плати, позната како „разлика меѓу август и септември 2023 година“.
Од Синдикатот посочуваат дека токму оваа формула веќе била експлицитно поништена од судот како спротивна на колективниот договор и на утврдените работнички права.
„Со вакво постапување, министерот се поставува над судот, над колективните договори и над законите. Ова претставува директно кршење на владеењето на правото и создавање правна несигурност за вработените во културата“, наведуваат од СКРМ.
Синдикатот дополнително укажува дека издаденото „упатство“ нема јасно наведена правна основа, не е донесено по претходно свикување на Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, како што предвидуваат процедурите, ниту, според нив, е изработено во согласност со стандардите за носење подзаконски акти.
Во реакцијата се поставува и прашањето дали премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со ваквото постапување на министерот и дали тоа е во согласност со ставовите и насоките на Владата.
СКРМ најавува дека нема да дозволи, како што велат, „министерска математика“ при пресметката на платите и дека повторно ќе ги искористи сите расположливи правни механизми, вклучително и управни постапки и иницирање одговорност, со цел да се заштитат правата на вработените во културата.
Од Синдикатот информираат дека досега се добиени вкупно 15 судски пресуди во корист на вработените и најавуваат нивно јавно објавување.
Реакцијата доаѓа во период кога прашањето за платите и почитувањето на колективните договори во јавниот сектор повторно предизвикува тензии меѓу синдикатите и извршната власт.
