Синдикалците им кажале на Шахпаска и Битиќи - во петтиот пакет мора да има помош за плати и таа да оди директно на работничките сметки
Економско-социјалниот совет на денешната седница, го разгледал концептот на петиот пакет економски мерки како помош и поддршка на стопанството и граѓаните.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски ги изнел предлозите на ССМ пред останатите социјални партнери и уште еднаш истакнал дека со петтиот пакет мерки задолжително мора да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати, за да не бидат доведени во прашање работните места на работниците во погодените сектори.
Во предлозите кои ССМ ги доставиле до Владата оттаму бараат.
Владата да обезбеди финансиска помош и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги извршуваат деловните потфати заради вирусот или ќе ги извршуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување на средства за плата на работниците.
ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено, како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците.
„Работниците кои користеа мерки како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години, треба да бидат исплатени во висина нивната плата, без нејзино намалување, а истовремено да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по било кој основ и истите да имаат право на платено на породилно отсуство.
ССМ повторно предлага надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од Ковид 19, изолација и само изолација поради изложеност на Ковид- 19 да изнесува 100 отсто од основицата утврдена со закон.
Насочување кон спроведување на јавни набавки од страна на Државните органи, исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не злоупотребиле од финансиската поддршка за исплата на платите“, се вели во соопштението од Синдикатот.
ССМ укажува дека петтиот пакет мерки треба да биде насочен кон зачувување на работните места и заздравување на економијата со цел полесно пребродување на периодот на криза.
Претходно за советот соопштение стигна и од Кабинетот на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која претседавала со Советот, а учествувале и вицепремиерот Фатмир Битиќи и претставници на социјалните партнери, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи беше разгледан концептот на петиот пакет економски мерки како помош и поддршка на стопанството и граѓаните.
„На денешната седница на Економско-социјалниот совет, преку широка дискусија неговите членови имаа можност да дадат предлози, сугестии и мислења, кои би се разгледале од страна на Владата со цел поефективна распределба на помошта од државата кон оние на кои им е најпотребна .
Петтиот пакет економски мерки е насочен кон граѓаните, кон работниците односно стопанството и кон сиромашните. Угостителството, транспортот, туризмот, тутунарите, медиумите се во фокусот на петиот пакет мерки , како директно најпогодени гранки, на кои помошта им е неопходна.
Целта е да се креира пакет мерки кои што ќе дадат најдобри резултати во насока на заздравување на економијата со цел полесно пребродување на периодот на криза“, се вели во соопштението од Министерствоито за труд и социјална политика.
