Симулациска вежба на охридскиот аеродром: ТАВ Македонија и МВР ја тестираа подготвеноста за безбедносни закани
ТАВ Македонија и Министерството за внатрешни работи спроведоа симулациска вежба за справување со сложени безбедносни закани на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, со цел тестирање на подготвеноста и координацијата на надлежните служби.
Вежбата „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“ беше реализирана преку 11 фази на неколку локации во рамки на аеродромот и опфати сценарија како упад, спасување заложници, неутрализирање терористи и евакуација на ВИП личности.
Во активностите учествуваа припадници на МВР, службите на ТАВ Македонија, Противпожарната служба и итната медицинска помош, при што беше тестирана нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација.
„Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за реакција во услови на сложени безбедносни предизвици. Безбедноста на патниците, вработените и инфраструктурата останува наш врвен приоритет“, изјави Перо Лупевски, заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.
Од МВР посочија дека ваквите активности се клучни за проверка на оперативната подготвеност.
„Целта е сеопфатно тестирање на системот за одговор преку симулација на реални сценарија“, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Од ТАВ Македонија нагласуваат дека со континуирана соработка со институциите ќе продолжат да градат сигурен и отпорен систем за заштита на патниците и непречено функционирање на аеродромските операции.
