Економија, финансии, бизнис

Контакт

Симовски: Донесувањето на законот за попис не е тешка работа а може да чини и нула денари

Симовски: Донесувањето на законот за попис не е тешка работа а може да чини и нула денари

Пописот обезбедува огромен фонд податоци што на општеството му се исклучително битни при градењето стратегии и политики на развој, а недостигот на информации не ви дава можност за квалитетно планирање на која било активност. Веројатно нивото на инвестиции во земјата е такво какво што е бидејќи потенцијалните инвеститори немаат податоци. Пописот е битен бидејќи опфаќа сè и ги собирате информациите за сите релевантни единици, додека другите статистички истражувања во принцип се базираат на репрезентативен примерок. Кога се работи со примерок секогаш постои ниво на статистичка грешка. Рамката од која ние го влечеме примерокот е стара 18 години и колку е квалитетен тој примерок е веќе прашање, вели во интервју за МИА директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Тој додава дека донесувањето на овој закон не е тежок проблем. Може да се донесе брзо бидејќи бара просто мнозинство во Парламентот, но целта не е само да се донесе закон. 

„Целта е сите политички субјекти да застанат зад тој закон и да го поддржат. Пописот не може да го спроведете ако ја немате и таа политичка логистика и волја да се спроведе. Целта е да има консензус кај сите политички субјекти во Парламентот кога се донесува овој закон. Опозицијата излезе со 23 барања што сметаше дека треба да бидат вклучени, од кои најголем дел воопшто и не може да бидат прифатени бидејќи водеа кон она што се случи со пописот во 2011 година“, додава Симовски.

Меѓудругото, Симовски посочува дека најевтни метод да се постигне стандардот е да се направи попис преку користење на регистрите.

„Во тој случај цената на чинење на пописот ќе биде нула денари или ќе имаме тековен трошок на институцијата што го спроведува. Статистичките служби во земјите што спроведуваат ваков тип попис имаат двајца или тројца ангажирани на оваа проблематика и го работат автоматски. Тоа е најдобрата варијанта со најквалитетни, најевтини и најбрзи информации. Најскап е традиционалниот метод. Овој попис планираме да чини 8,5 милиони евра, за претходниот што не успеа беа планирани 14 милиони евра. Значи, веќе сме за 5,5 милиони евра поевтини во однос на тој попис. Но, не е битна само цената на чинење, туку и брзината на обезбедување на податоците од пописот. Ако во претходните пописи обработката траела од година до две, сега планираме да трае најмногу шест месеци и се надеваме да завршиме во три месеци со целокупната обработка. Значи ќе имате свеж податок навреме, по година – две тој е веќе историски“, потенцира директорот на ДЗС.

Слично

Поврзани вести