Силното невреме предизвика материјална штета во болниците во Скопје и Штип
Силното невреме проследено со олуен ветер, пороен дожд и град кое синоќа ги зафати Скопје и повеќе региони низ државата, предизвика сериозни материјални штети, а на директен удар се најдоа и клучни здравствени установи во земјава.
Според првичните информации, најсериозни оштетувања претрпе Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, каде силниот ветер оштети дел од покривот и кровната конструкција. Протекување и оштетувања на покривните конструкции се регистрирани и во Клиничката болница во Штип, поради што вработените мораа превентивно да преместат дел од пациентите на други одделенија.
Покрај материјалната штета на инфраструктурата, невремето предизвика и повреди кај граѓаните. Вкупно 15 лица со телесни повреди предизвикани од паднати гранки, лимови и ќерамиди вечерва беа згрижени во ургентните центри. Девет пациенти побараа помош на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ, додека шест лица беа примени во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Дежурните екипи во болниците и општинските комунални служби се на терен и работат на санирање на штетите и нормализирање на работните процеси. Од надлежните институции најавуваат целосен извештај за причинетата штета во текот на денешниот ден.
