Силно лобирање Рекс Тилерсон да ја посети Македонија
Македонската обединета дијаспора преку лоби групата „Пријатели на Македонија“ во Американскиот конгрес започна иницијатива со која ќе му се порача на државниот секретар на САД Рекс Тилерсон да ја посети Република Македонија. На иницијативата поддршка веќе дале триесетина припадници на Конгресот на САД кои и му испратиле писмо на Тилерсон.

ОМД наведува дека посетата на државниот секретар Тилерсон би била прва на Македонија од страна на државен секретар на САД по последната посета на државниот секретарот Колин Паул во 2003 година. Писмото до државниот секретар Тилерсон собрало 32 потписи од членови на Конгресот од 16 различни сојузни држави во САД, односно од четири члена на Комисијата за воени услуги и од девет члена на Комисијата за надворешни работи при Претставничкиот дом. Потписници се и претседавачот и членови на поткомисијата за Европа, односно вкупно 14 републиканци и 18 демократи. – Ваквиот двопартиски карактер на писмото ја потврди униформната важност да се одржи врската помеѓу САД и Македонија. Ова писмо претставува кулминација на речиси двомесечната кампања која започна за време на 4-тата македонско-американска конференција за лидерство организирана од ОМД, кога учесниците на конференцијата ја истакнаа важноста од евентуална посета на Тилерсон пред некои од горенаведените конгресмени. Заедно со претставници на подмладокот на ОМД беа одржани повеќе од 250 едукативни средби во американскиот Конгрес, соопшти ОМД. ОМД посочува дека е неизмерно благодарна за поддршката од страна на Конгресната група на пријатели на Македонија.
