Силна волја и навремена грижа- како да се изборите со ракот на дојка?!
Животот е убав само кога човек е здрав ! Затоа жени, заборавете неколку минути на готвењето, работата , грижите - направете преглед на вашите дојки – порачува 63 годишната Атина Сазова на која пред неколку години и бил дијагностициран рак на дојка. Вели лекувањето било тешко и болно, но со силна волја, поддршка и навремено дијагностицирање успеала да се избори со болеста.
“Мене ми се појави исцедок од градата. Не го сфатив сериозно, всушност не знаев дека е рак. Отидoв на лекар да проверам. И за жал лекарот рече дека станува збор за некаков проблем со хормоните и не му придаде значење. Отидов по три месеци на контрола, докторот повторно ме охрабри дека не ми е ништо. Но на совет на моја пријателка, го сменив докторот и отидов на мамографија , тогаш дефинитиво се покажа дека имам рак. Имав среќа што не се плашев да одам на лекар инаку досега немаше да бидам жива. За жал и лекарите понекогаш грешат”- раскажува Атина.
Таа како што вели поминала низ вистински пекол, тешко ја поднела хемотерапијата но со поддршка од семејството, блиските, жените кои ја делат нејзината судбина и со членките на здружението за борба против рак на дојка “Борка” успеала да извојува победа во најтешката битка.
“Сакам да сум искрена и ќе признаам пред сите дека минав низ пекол. Но, никогаш не посакав да умрам. Многу е тешко, но се издржува. За тоа е потребна подршка од семејството, од најблиските ,но и од лекарите. Хемо-терапијата многу тешко ја поднесов, можеби потешко ми падна само кога ми ги отсекоа двете гради. Од хемотерапијата имав чувство дека сум поблизу до небото. Благодарна сум на Здружението „Борка“, таму сретнав жени кои се борци исто како мене. Споделивме искуства, разговаравме и на крај се излекувавме , може да се победи болеста”- додава Атина.
Шеесет и три годишната жена вели секој нов ден го живее како нов почеток. Порачува секоја жена да му посвети посебно внимание на своето тело и здравје и да прави редовни контроли кои ќе го намалат ризикот од болести.
“Тоа е мојот совет до сите жени. Не се плашете да се допирате, вршете самопреглед на дојките. Тоа го спасува животот, тоа ќе го спаси и вашето семејство. Ракот на дојка не е смртоносен ако се открие на време. Има лек”- потенцира Атина.
Октомври е месецот на подигнување на свеста за ракот на дојка, кој се одбележува секоја години низ целиот свет. Во Скопје по деветти пат се одржува настанот „Розовата прошетка“, организиран од здружението „Борка“.Оттаму велат дека статистиките се поразителни. Најмладата пациентка заболена од рак на дојка, според нивните информации е петнаесетгодишно девојче. Секако велат ова не е практика, но е очигледно дека старосната граница се намалува.
Во Македонија не постои регистар на заболени од рак. За бројот на заболени од рак на дојка, но и од другите видови на рак може само да се нагаѓа. Според информации на Светската здравствена организација, во Македонија, секој ден од рак на дојка заболуваат 4 жени. Секој ден од другите видови рак заболуваат 20 лица, а секој ден најмалку 13 лица умираат од рак во Македонија.
Ракот не е заразна болест, тоа е болест која ако се открие навреме се лекува. Ракот може да се победи ако се открие навреме. Значи, превенцијата, редовни прегледи и контроли, но и самопрегледите на жените може да ги спасат од смрт. Американското здружение за рак им препорачува на жените редовен мамографски преглед еднаш во годината, по 40 тата година. Потенцијални абнормалности можат да се најдат кај повеќе од 11 отсто од жените кои доаѓаат на мамограмски прегледи. Мамограмот има прецизност од 85 до 90 отсто. Овој апарат може да открие абнормалности во дојката пред истите да се прошират.
Смртноста од рак на дојка и во Македонија и во светот е на прво место, а лани во земјава биле откриени околу 1.200 новозаболени. Според интернационалниот истражувачки центар за канцер “Глобокан”, Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години, а според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.
Статистичките податоци во нашата земја велат дека истите трендови од Европа за пораст на инциденцата на заболени од карцином на дојка важат и за женската популација во земјава. Како и за секое малигно заболување така и за карциномот на дојка од особено значење е раното откривање на болеста. Пациентките во прв и во втор стадиум на болеста, кога болеста е локализирана во дојката и има зафатено помал број регионални лимфни јазли, имаат поголема шанса за излекување, за разлика од пациентките со понапреден стадиум на болеста. Процентот на петгодишно преживување се намалува со зголемувањето на стадиумот на болеста. Освен редовен скрининг, од здружението велат дека многу е важно да се подигне и здравствената култура и жените да реагираат секогаш кога ќе почувствуваат промени поврзани со дојките. Редовниот скрининг на дојка со мамографски преглед во земјава е воведен лани во април, за жените на возраст од 50 до 69 години кои дотогаш никогаш не направиле ваков преглед или не направиле преглед во последните пет години.
