Економија, финансии, бизнис

Контакт

Силјановска нема „талибански“ да го укине Преспанскиот договор - Незадоволни и независни и „жестоки“ вмровци

Силјановска нема „талибански“ да го укине Преспанскиот договор - Незадоволни и независни и „жестоки“ вмровци

Кандидатот за претседател од опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ иако беше најавена како натпартиски кандидат, поддржан од триесетина универзитетски професори, академици и истакати личности од јавните сфери, се уште не добива голема поддршка од независната и непартиска јавност. Напротив, токму од повеќе професори, експерти и политички активисти кои не се дел од формалните политички партии, добива обвинувања дека ќе води деструктивна политика поврзана со евроатлантските интеграции, нарушување на односите со меѓународната заедница и создавање на неизвесност. Силјановска ако победи на изборите ќе има мандат да ја претставува републиката, а неизбежно е институционално тоа да го прави под новото име и како претседател на Република Северна Македонија.

Подобар увид во ставовите на професорката Силјановска имавме можност да добиеме од нејзиниот настап на Само Вистина. По однос на прашањето дали ќе го „укине“ Договорот за решавање на спорот за името, таа одговори дека нема да настапува „талибански“ и дека нема ништо да руши, односно да не го почитува македонскиот Устав и правото.

За Силјановска делувањето како прв човек на државата и дел од извршната власт, клучно ќе биде меѓународното право како извор на решенија за потпишаниот договор во Преспа, особено за одредбите кои според неа не се во склоп со националните интереси, а уште повеќе се неприфатливи за македонскиот народ кој со вакво решение не може да живее и да го прифати  како праведно. Без оглед што со договорот се направи голема жртва за одблокирање на грчкото вето и членство во НАТО, како и почетокот на преговори за членство во ЕУ, Силјановска смета дека нема напредок доколку не се почитува правото.

„Нема поголема надеж од држава во која владее правото. Само таа надеж, владеење на правото е европска надеж се друго е мимикрија и камелеонизам. Не се оди со кршење на владеењето на правото во ЕУ, тоа е реторика. Од начинот на кој што се менуваше Уставот, до начинот на кој што се менуваше Кривичниот Законик, до амнестијата, до начинот на кој што се одвиваше референдумот, до она што се случува деновиве со притворите, до начинот на вработувања по најлош споил систем, наместо по мерит систем, нема ништо заедничко со Копенхагеншките критериуми. Тоа е типично за хомобалканикус, а не за хомоевропикус’, потенцираше Силјановска.

Давањето на еден вид на конструктивен отпор кон Преспанскиот договор би требало да биде гаранција дека Силјановска не го злоупотребува ова прашање во изборната кампања за лесно да добие гласови врз база на разгорување на националните чуства на македонците, туку дека застапува став кој е во рамки на делувањето на ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија.

Силјановска е практично ставена меѓу два огна со ваков ризик во раната фаза на кампањата кога се осцртуваат генералните правци на политичка реторика и очекувања. За традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ секако, доволно е што Силјановска формално ја доби номинацијата па така и без многу двоумење би ја гласале. Сепак, за поширокото членство на опозицијата и нејзините симпатизери кои се јасно против Договорот од Преспа, ваков „млак“ настап на Силјановски може да биде проблематичен. Токму незадоволството кое се провлекува од промена на името беше „лајтмотив“ во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ, па така и нејзините гласачи очекуваат Силјановска да завземе поцврсти позииции, да „удри“ по сегашната власт за изневерување на националните интереси. Треба да се земе во предвид и дека постојат сериозни закани кај кампот „Бојкотирам“ да не гласа ниту на претседателските избори, па ако се земе во предвид дека повеќето од нив се дел од десницата одреден број на гласови не би завршиле воопшто на контото на Силјановска доколку истите не веруваат дека таа како претседател ќе ги застапува и нивните заложби за неприфаќање на името Северна Македонија.

Првата закана стигна од страна на нејзината колешка од Правниот факултет Татјана Каракамишева која беше дел од Бојкотирам кампањата.

„Ако идниот претседател на Северџанија не може да направи ништо освен да се помири со судбината и да констатира дека се е неуставно и спротивно на меѓународното право, ама што да се прави кога немам никаква надлежност да ги поништам штетните договори, следи логично прашање зошто би гласала за ништо? Зошто да дадам глас за институција која реално не може да ги промени состојбите на терен, а од друга страна со самото излегување на избори ние граѓаните го потврдуваме легитимитетот на новата Франкенштајн творба за која не дадовме наша согласност на референдумот на 30.9.2018 година?“ пишува Каракамишева во своите критики.

Од друга страна ниту пак конструктивниот отпор не е гаранција дека Силјановска брзо и сигурно ќе освојува симпатии од страна на неопределените гласачи или уште повеќе од страна на клучните „опинион мејкери“ од т.н. независна професорска и ескпертска јавност. Тие се нејзини дежурни критичари и било какво опонирање на Преспанскиот договор за нив е сфатено како делување против меѓународниот фактор, против врските со западните сојузници и против интеграции во НАТО и ЕУ. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести