Силјановска не сака да биде како Иванов: Нема само пред Нова Година да се обраќам пред Собрание
Нема да се обраќам пред Собранието само еднаш годишно пред Нова Година како претседателот Ѓорѓе Иванов, туку 12 пати во текот на 12 месеци, рече денеска Гордана Силјановска Давкова, кандидат за шеф на државата на претседателските избори, на денешното отворање на Претседателкскиот штаб.
- Ќе се обраќам секој месец, дванаесет пати во годината. Нема да делам одликувања или признанија на партиски луѓе. Од стартот ќе формирам група од македонските и странски експерти по Уставно право за да се разгледа правото на вето или доделување на мандатот. Јас ќе се одбидам тоа да го направам на мој начин и да оставам еден траг. Ќе се држам до правото и правдата. Ќе ги укинам привилегиите за претседателите, да немаат обезбедување и канцеларии. Тоа е исто како што сметам дека заменици министри и заменици-директори на јавни претпријатија не ни требаат, тоа е непотребно трошење пари за повисоки плати - рече Силјановска.
За изборната кампања не очекува да потроши многу пари и вели дека не сака да ја има на рекламни паноа.
- Јас сум модерна жена, сакам скромна кампања. Не се чувствувам пријатно кога сум по билборди. Кога одам од врата до врата чувствувам дека со дилеми ме сослушуваат, но потоа луѓето потоа ме испраќаат со доверба - истакна професорката.
