СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЗА ПАТОТ КОН ЕУ: Eден преседан доколку се храни, ќе отвори или ќе создаде плодна почва и за нови преседани
Maкедонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на заедничката прес-конференција со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во Скопје, од каде порача дека Балканот мора да стане дел од Европската Унија(ЕУ) и дека процесот на интеграција мора да се води по јасни и еднакви правила.
„Средбава се случува во пресрет на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, еден важен настан за одбележување, среќен настан, но и, морам да кажам, 20 години од добивањето на нашиот кандидатски статус за Европската Унија. Мило ми е што претседателот е во возвратна официјална посета“, изјави претседателката.
Таа нагласи дека двете држави се пример за добрососедство и стабилна соработка, особено во рамките на НАТО, оценувајќи дека ваквите средби дополнително ја зацврстуваат довербата..
Како значаен чекор во билатералните односи го издвои потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Младинските совети, од кој се очекува нова динамика во односите.
Во економскиот дел, таа оцени дека постои сериозен неискористен потенцијал за продлабочување на соработката.
„Што се однесува до економската соработка, господинот Милатовиќ е далеку поупатен од мене, но мислам дека овие скромни 61,8 милиони долари мора да се зголемат и има голем простор за тоа во градежништвото, во туризмот, во енергетиката, можеби исто така, во отворањето повторно на авиолинијата Подгорица-Скопје или Тиват-Скопје, бидејќи и двете држави во туризмот полагаат големи надежи“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката потенцираше дека заедничката визија е јасна – стабилен и просперитетен регион во рамки на Европската Унија.
„Каде и да одам, а многупати сме се среќавале со господинот Милатовиќ, по многу настани во рамките на мултилатералната соработка, секогаш во него препознавам компетентен, кредибилен и почитуван соговорник, чии ставови ми значат и ги ценам. Заедничка визија ни е стабилен и просперитетен регион, интегриран во Европската Унија“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Таа го поздрави и најавениот самит Европска Унија – Западен Балкан во Црна Гора, оценувајќи дека тоа е сигнал дека процесот на проширување мора да добие реална динамика.
„Го поздравувам, го поддржувам и мислам дека тоа ќе биде доказ дека прашањето за членството на Западниот Балкан не е веќе само прашање врзано за иднината, туку е прашање што треба и може да стане реалност“, изјави претседателката.
Во однос на европската интеграција, таа посебно се осврна на почитувањето на принципите и критериумите.
„Се разбира, денеска повторно го реафирмирав принципот што не сум го измислила, ниту пак некој одовде го креирал, принципот или принципите воспоставени во далечната 93-та година познати како Копенхашки критериуми. Повикав нашето чекорење кон ЕУ да биде во рамките на она што се нарекува европско уставно право“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа предупреди дека отстапувањата можат да создадат сериозни последици.
„Многу важно е, бидејќи, еден преседан доколку се храни, ќе отвори или ќе создаде плодна почва и за нови преседани“, нагласи претседателката.
Во делот за правата на малцинствата, Сиљановска-Давкова посочи дека во рамки на Европската Унија постојат различни модели, но дека принципот на еднаквост мора да биде водечки.
„Нашето пријателство ги надраснува вообичаените дипломатски фрази за отсуство на отворени прашања. Тоа е суштинско, тоа е преживеано и тоа е вистинско. Тоа е пријателство што го граделе поединци, како нашиот голем книжевник Радован Зоговиќ, кој во црногорскиот и во македонскит карактер го препозна истиот непокорлив дух на слободата. Тоа е нишката што нè врзува, а се гледа во делото на вашиот голем писател и револуционер Кочо Рацин, кој во црногорските другари виде браќа според идеалите на правдината“, истакна црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во обраќањето пред македонскиот парламент.
Милатовиќ, кој е во прва официјална посета на нашата земја, потенцира дека Црна Гора денеска стои пред вратата на Европската Унија и оти со оптимизам очекува дека набргу ќе стане првата нејзина наредна членка.
„Ние сакаме да станеме 28-ма земја членка во 2028 година. Меѓутоа, сакам тоа овде јасно да го кажам, нашата визија не е целосна без вас. Нашата визија е целиот Западен Балкан како нераскинлив дел од европското семејство“, истакна Милатовиќ.
На надворешнополитички план, потсети тој, „ние чекориме со ист чекор и се гордееме што можевме да ви подадеме рака кон членството во НАТО“.
фото Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова
