Економија, финансии, бизнис

Контакт

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ОН: Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ОН: Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред членовите на Генералното собрание на ОН изјави дека од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија(ЕУ), отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи.

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, проширувањето, според Сиљановска-Давкова, мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.

„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани“, рече претседателката. 

Целосната интеграција на Балканот во ЕУ, според неа, ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.

„Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот коишто станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европскиот пат. Мора да научиме да се поддржуваме еден со друг, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balkanicus може да биде Homo Europicus, кога сака“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.

Како што кажа пред Генералното собрание, за нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“. Maкедонија сепак не ги почна преговорите со ЕУ, додека Албанија отвори поглавје. 

Бугарија условува со внесување на Бугарите во Уставот. 

Слично

Поврзани вести