Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сиљановска-Давкова вели дека надлежните се во контакт со нашинците на Блискиот Исток и се бара решение за оние кои сакаат да се вратат

Сиљановска-Давкова вели дека надлежните се во контакт со нашинците на Блискиот Исток и се бара решение за оние кои сакаат да се вратат

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Совет за безбедност соопшти дека институциите располагаат со информации за растечкиот број македонски државјани кои се наоѓаат на Блискиот Исток.

Граѓаните се јавуваат во дипломатско-конзуларните претставништва и се регистрираат за да бидат евидентирани за евентуална евакуација. Формираниот кризен центар во рамки на Министерството, како што нагласи, е во континуиран контакт со сите пријавени лица.

Претседателката посочи дека главната причина за загриженоста кај граѓаните е затвореното воздушно пространство во дел од земјите во регионот, што го отежнува нивното враќање. Во одредени случаи, како што наведе, се разгледувале и алтернативни решенија, вклучително и бродски превоз, но и тие можности сега се ограничени. Според неа, сите македонски државјани се згрижени, безбедни и во постојана комуникација со Министерството, кое работи на изнаоѓање најбрзо и најсоодветно решение за оние кои сакаат да се вратат во земјата.

Во однос на внатрешната безбедност, Сиљановска-Давкова изјави дека врз основа на податоците од Агенција за разузнавање, Агенција за национална безбедност, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и од Началникот на Генералштабот, состојбата може да се оцени како стабилна и безбедна. Таа нагласи дека во моментов нема закани по внатрешната безбедност.

Таа додаде дека земјата е во координација со партнерите од регионот, како и со сојузниците во рамки на НАТО, нагласувајќи дека регионалните информации ќе бидат споделени на соодветните форуми.

На седницата се разгледани и можните економски импликации, вклучително и прашањето на снабдување со енергенси. Претседателката посочи дека интерконекторот со Грција е во функција, а законските обврски за резерви на нафта од 40 до 90 дена се исполнети. 

фото принтскрин МИА

Слично

Поврзани вести