Силјановска Давкова порача дека претседателските избори не смеат да се бојкотираат
Кандидатот за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова се сретна со жители на Брвеница.
Силјановска Давкова рече дека деновиве кога оди по општините се чувствува како студент.
„Овие избори не смеат да се бојкотираат, иако за референдумот обратно велев. Бидејќи не можете да дадете легитимитет на нешто што не е само нелигитимно туку и нелегално, спротивно на меѓународното право и на националното право“, изјави Силјановска Давкова.
Таа појасни дека очекувала по неуспешниот референдум, премиерот Зоран Заев да поднесе оставка бидејќи тоа е европски ред.
„Така прават сите премиери кога нема да успее референдум, но тоа тој не го стори. Откако беа паднати на земја ден, два потоа си продолжија иако во законот за референдум и други форми на лично изјаснување има јасна одредба дека резултатот од референдумот мора во рок од 60 дена да се одрази на сите постапки и на донесувањето на акти, но тие си продолжија со промена на Уставот“, рече таа.
На крајот од средбата Силјановска Давкова порача дека со победа на избори, ќе победи и Македонија, ќе се стави крај на сите нерегуларности кои ги направи Владата.
