Силјановска Давкова: Политичари може да се договорат, но како ќе се договорат историчари?
Претседателката Гордана Силјановска Давкова во денешното интервју за МИА на едно од прашањата рече дека спорно е барањето од вториот протокол „да се договорат“ историчарите од интердисциплинарната мешовите комисија.
- Значи, не сум го сменила воопшто ставот. Но не можам да прифатам дека двајца министри, не двајца, којзнае колку ќе се сменат во иднина - замислете, Rome n'est plus во Rome, што би ми рекле Французите, и така комисиите ќе си расправаат и ќе усогласуваат, замислете, историчари. Историчарите секогаш во науката се држат до своите ставови. Како ќе усогласите вие... Во политиката има усогласување, во историјата нема, значи ги политизираме историчарите, а богами некои од нив биле познати и како амбасадори, а и како творци на некои документи. Како тоа ќе ја усогласуваме ние историјата? Се разбира дека не треба да имаме во читанките навреди, не треба да имаме пизма, не треба да имаме несоодветни определби, зборови, навредливи, говор на омраза, меѓутоа не можете вие да ревидирате историја бидејќи историјата, јас и во говорот тоа го кажав, е дел од нашиот идентитет. Лошо е да живеете во историјата, ама да ја имате предвид историјата - тоа е нешто... нешто нормално. Секој народ има право на своја историја, на читање на историјата по свое. Не е добро она што господинот го вели, нели: ако вие живеете во историјата, ако вие нонстоп сте закопани во... ако немате извесна иднина, тогаш вие може да останете закопани во... ,вели претседателката.
Таа на едно од преостанатите прашања одговара дека ситуацијата со протоколите со Бугарија може да не е завршена и доколку има уставни измени, понатаму се отвора можност за нови протоколи како барања од Бугарија.- Европската приказна, односно нам ни има сериозни проблеми и време е затоа, јас велам, ако постојано слушаме дека проблемот не е интерпартиски, туку е со ЕУ поради тоа што договорот 2 заедно со протоколот... протоколите, за кои никој не знае ни колку ќе бидат на број бидејќи тие може да никнуваат од расправите на комисијата, историско-образовната комисија. Не знам и до кога ќе се провлекуваат, иако се вели дека треба да завршат, нели, додека ние не се најдеме до моментот на... ратификацијата, каква и да е, од членките на Европската Унија.
И во поглед на комисијата имаме еден проблем. Имало вакви комисии, и тоа за многу деликатни прашања: француско-германската, полско-германската, ама тие главно се одвивале bona fide. Зошто? За да се разберат едни со други, за да изразат разбирање за гледањето на другиот, а не за да бараат да го менувате Уставот, изјави Силјановска Давкова.
Претседателката имаше и свој коментар за ситуацијата со Црна Гора на која се гледа како прва следна членка на ЕУ во 2028.
- 2028 е извесен термин, но на Балканот се појавуваат непредвидливи ситуации. Дури можете и вие да добиете ратификација од членките, од повеќето, меѓутоа повторно на Балканот може некој да има - и во последениот чин, кога треба да станете членка - можност да го употреби ветото или претходно исто така да бара решавање на некои прашања, кои не се многу врзани за Копенхашките критериуми, туку имаат некоја историска сенка или, пак, повторно имаат некакво идентитетско... обележје или значат билатерален проблем, кој воопшто не е мултилатерален. На тоа треба да внимаваме, тврди Силјановска Давкова.
