Сиљановска-Давкова од Софија повика на дебалканизација - каква порака испрати Јотова?
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, на кој, како што соопштија од нејзиниот кабинет, укажала на потребата од оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз кои пред три децении беше воспоставен овој процес.
Потсетувајќи на проблемите со коишто се соочува Југоисточна Европа, таа оценила дека масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности бараат храбро и одговорно лидерство, водено од заедничките интереси и солидарноста, а не само од парцијалните.
Таа се осврнала и на процесот на проширување на Европската Унија, кој, како што истакнала, мора да се темели на Копенхашките критериуми, а напредокот во спроведувањето на реформите да го диктира темпото на пристапниот процес.
„Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот автор Георги Господинов дека ‘кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина’, таа предупреди на потребата од дебалканизација преку европеизација“, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова, велат оттаму, во обраќањето во тој контекст навела дека за неа европската интеграција е природна, како и геополитичка и безбедносна неопходност, а стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес на сите држави во регионот, но и на Европа.
Претседателката на државата на состанокот кој е затворен за медиумите повикала на регионална одговорност како гарант за чекорење кон предвидлива и сигурна заедничка иднина, истакнувајќи дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој, наместо во блокади и поделби.
Како што е најавено, на маргините на состанокот претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари билатерални средби со претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, и со в.д. претседателката на Република Косово, Албулена Хаџиу.
Денешниот Самит во Софија го отвори бугарската претседателка Јотова, која зборуваше за важноста на ПСЈИЕ за соработката и добрососедските односи на 13. земји кои се дел од иницијативата, која денеска одбележува 30 години. Според неа, ПСЈИЕ има иднина, а тоа зависи од земјите коишто се дел од иницијативата. ПСЈИЕ, додала таа, мора да продолжи со изградба на регионален безбедносен систем и енергетска, транспортна и дигитална поврзаност.
Јотова во говорот потсетила дека Бугарија го ставила Западен Балкан во фокусот на своето прво претседателство со Советот на Европската Унија.
„Ставот на Бугарија отсекогаш бил дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од европското семејство, но со исполнети критериуми, постигнати резултати, одговорност и почитување на вредностите на ЕУ, од кои главна е заштитата на човековите права. Европската Унија не е само заеднички пазар, туку и споделени вредности“, рекла Јотова.
Самитот ќе заврши со прес-конференција на високи претставници на претходиот претседавач Албанија, сегашниот – Бугарија, односно претседателката Јотова и идниот претседавач Романија.
Претпладнево министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски учествуваше и се обрати на министерскиот состанок во рамките на ПСЈИЕ.
Пред почетокот на состанокот, Муцунски во изјава за медиумите, од кои најголем дел од земјата домаќин на Самитот, рече дека неговиот став е оти Бугарија и Македонија не треба да се врзуваат за прашања поврзани со идентитет, историја и јазик, туку да гледаат кон иднината.
Фото: Кабинет на претседателот на РС Македонија