Сиљановска Давкова му честитала на Радев: Очекувам пријателски однос и разбирање за проширувањето
Победата на Румен Радев на парламентарните избори во Бугарија отвора нова политичка фаза во односите меѓу Скопје и Софија. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека телефонски разговарала со поранешниот бугарски претседател, сега лидер на „Прогресивна Бугарија“, кому му ја честитала изборната победа и му посакала успех во формирањето стабилна влада.
Во изјава за медиумите во Собранието, на маргините на XX Конференција на претседатели, односно спикери на парламенти на Јадранската и Јонската иницијатива, Сиљановска Давкова рече дека од новата бугарска власт очекува поинаков, конструктивен и пријателски пристап.
„Се разбира. Му честитав, му пратив порака. А потем и ми се јави. Разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби вака високо мнозинство тоа е гаранција за стабилност, дека веројатно бугарскиот народ, бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата, дека веројатно ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма“, рече претседателката.
Според Сиљановска Давкова, стабилното мнозинство во Софија е важно и за Македонија, бидејќи тоа значи дека земјата ќе има политички соговорник со јасен мандат.
Таа нагласи дека регионалниот пристап останува клучен, особено во контекст на европското проширување и потребата од надминување на долгогодишните блокади во процесот.
„Потенцирав дека за мене регионалниот пристап е важен, дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата од проширување. Очекувам се разбира организирање средба“, изјави Сиљановска Давкова.
Радев и неговата „Прогресивна Бугарија“ освоија апсолутно мнозинство на парламентарните избори во Бугарија, со што земјата добива ретко стабилен политички момент по години на чести изборни циклуси и нестабилни влади.
