Силјановска Давкова ќе го дава мандатот
Според најавите, од претседателката Гордана Силјановска Давкова се очекува утре или задутре да му го додели мандатот за состав на влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за составување на Влада која ќе произледе од мнозинство пратеници.
Во рок од 20 дена тој треба да достави до Собранието предлог-состав и програма за работа на новата извршна власт
Последниот рок, за доделување на мандатот е 7 јуни, но се очекува тоа да се случи утре или задутре.
Утре во Собранието ќе се одржи првата координација на претседателот Африм Гаши со претставници на партиите на која ќе се разговара за следните активности кои се насочени кон донесувањето на измените на законите за органите на државната управа и за локална самоуправа.
За да може да се оствари ова, најнапред во Собранието треба да се формираат собраниските комисии што се потебни да ги разгледаат овие закони, за да може да се закаже и пленарната седница за нивното усвојување.
Официјалните одговори од партиите се дека разговорите сè уште траат. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека уште нема ништо конкретно околу составот на идната влада.
