Сиљановска-Давкова и Бегај зборуваа за соработката, но и за почитувањето на правата на малцинствата
Македонија и Албанија немаат отворени прашања, изјави во своето обраќање претседателката Гордана Силјановска Давкова на заедничката прес-конференција со својот гостин, албанскиот претседател Бајрам Бегај. Таа го истакна значењето на билатералната соработка, но и на почитувањето на малцинствата во двете земји.
„Важен мост во соработката е македонското национално малцинство во Република Албанија, но за господинот Бегај исто така е статусот на Албанците кај нас. Се разбира двете држави во духот на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, во духот на другите акти што се однесуваат на заштитата секогаш се отворени за соработка“, изјави Сиљановска-Давкова.
Бегај ја истакна улогата на Албанците во Македонија за кои рече дека се дел од државотворниот народ кој дава голем придонес во стабилноста на земјата, но и напредок во евроинтеграцискиот пат.
„Ние цениме дека правичната и соодветната застапеност на Албанците во државните институции, целосното спроведување на Законот за употреба на јазиците во однос на албанскиот јазик за кој се однесува и е дел од идентитетот на Албанците и запазување на механизмите за рамноправност не се просто техничко прашање туку претставуваат суштински елемент за социјална кохезија, за институционалната стабилност и европската перспектива“, рече Бегај.
Беше поставено и прашањето за отворање мигрантски кампови во Пустец за што жителите кои главно се од македонската етничка заедница протестираа за одлуката. Бегај истакна дека тоа нема за цел да се постават мигранти во Пустец туку е тоа дел од мерките на Владата доколку се создадат поголеми напливи на мигранти. Бегај неколку дена ќе престојува во Македонија.
фото Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова
