Сиљановска-Давкова даде кус коментар за разговорот меѓу Мицкоски и Савески
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска даде кус коментар за телефонскиот разговор на премиерот Христијан Мицкоски и државниот обвинител Ненад Савески.
„Не можам да судам бидејќи не знам за што зборувале. За ова треба да ги прашате обајцата“, изјави претседателката.
Дури и кога се работи за прислушувани разговори, вели претседателката, никаде и никогаш не се објавува она што е од лична природа, туку само она што се однесува на работата што ја вршат функционерите.
„Инаку, генерално се знае дека треба да се почитува поделбата на властите, тоа е темелот, тоа се Копенхашките критеритуми – поделбата на власта, надлежноста на секој во сопствената област со користење на спрегите и кочниците што ни се дозволени“, изјави Сиљановска-Давкова.
Јавното обвинителство вчера потврди дека државниот јавен обвинител Ненад Савески завчера имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, што, како што наведоа, било првпат по неговото стапување на обвинителската функција. Рекоа дека обвинителот не може да спречи никого да му се јави телефонски. Во однос на разговорот што Савески го имал со премиерот, велат дека не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
фото Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова
