Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сиљановска-Давкова: Да го чуваме македонскиот јазик, да го браниме од негирања

Сиљановска-Давкова: Да го чуваме македонскиот јазик, да го браниме од негирања

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик, 5 Мај, кажа дека македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет и самобитност, траен сведок на историскиот континуитет и носител на културното и духовното наследство на македонскиот народ. 

„Тој е огледало на генерации Македонци низ вековите, преку него се изразува народниот дух, а со неговото опстојување се потврдува нашето постоење. Тој е прекрасниот инструмент за изразување љубов и идеи, создавање уметнички и научни творби, вредни дела и вечни вредности“, вели претседателката.

Во својата порака нагласи дека македонскиот јазик не е само сведоштво за минатото, туку и суштински креатор на современиот општествен развој. Затоа, неговата правилна и достоинствена употреба, како и доследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, претставуваат темел на функционалната демократска држава.

„Денес, повеќе од кога било, нашата обврска е јасна: да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик. Нека е вековита неговата мисија! Да го чуваме и браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои!, порача претседателката.

Таа им го честиташе денот на сите Македонци, на сите негови говорители, проучувачи и љубители.

фото Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова

Слично

Поврзани вести