Сиљановска-Давкова: Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас
Единство за македонските евроинтеграции и правда по трагедијата во Кочани, побара претседателката на државата, Гордана Сиљановска–Давкова во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
Таа порача дека се неопходни национален консензус за евроинтеграциите и јасни, цврсти гаранции од Европската Унија и од Бугарија, за да се надмине долгогодишната блокада на македонскиот европски пат. Според шефицата на државата, проблемот со ЕУ не е административен, туку суштински политички. Претседателката предупреди дека по промената на името на државата, секоја нова уставна измена што се бара од Македонија изгледа „бенигна“ за ЕУ, но носи сериозни последици за државата.
„Прашањето на уставните амандмани не е техничко, туку политички критериум. Затоа се потребни јасни и недвосмислени гаранции. Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ризикуваме да излеземе од процесот исто како што старецот на Хемингвеј излезе од морето – само со рибини коски, со соголен национален и културен идентите“, рече Сиљановска–Давкова, додавајќи дека без поширок политички и општествен договор, секоја одлука ќе остане кревка. Сиљановска-Давкова потенцира дека Македонија има суверено право на европско членство, но дека процесот мора да биде фер и транспарентен.
Зборувајќи за блокадата на пристапните преговори, претседателката постави директно прашање до Брисел: зошто ЕУ не наоѓа политичко решение за Македонија, ако веќе го сторила тоа во други случаи.
„Ние понудивме повеќе политички решенија. Ако ЕУ можеше да најде решение за Украина, може да го стори тоа и за Македонија“, истакна таа.
Според неа, има излез од оваа состојба, но потребна е политичка волја, но не само наша туку и на Унијата.
„Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас“, потенцира Сиљановска-Давкова.
Таа потсети дека највисоките оценки од Европската Унија, Македонија ги добила во периодот од 2017 до 2020 година, кога беа потпишани Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, а денес земјата е сведена на „ограничен напредок“.
Претседателката рече дека „ако бриселските уставно-правни експерти фрлеле компаративен поглед врз нашите и бугарските уставни решенија во поглед на степенот на гарантирањето и заштитата на малцинските права, како и на релевантните мислења на Венецијанската комисија, лесно ќе утврделе каде е проблемот, а кој исполнува високи стандарди на малцинска заштита!“.
фото Претседател.мк
