СИЛЕН ПОВИК ДО СИТЕ 120 ПРАТЕНИЦИ ОД КОЦАРЕВ - гласајте против уставните измени за да не се распадне Македонија
Македонија треба да чекори по европскиот пат, но на тој пат ние треба да чекориме само како Македонци. Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување, разнебитување, истакна Љупчо Коцарев, првиот човек на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) во своето четвртото по ред обраќање на годишните собранија, пренесе весникот Нова Македонија.
Тој посочува дека договорите со Грција и со Бугарија се нашата најголема траума, а исто така ги повика сите 120 пратеници во Собранието да се изјаснат против уставните измени, за, како што рече, да не се распадне Македонија.
– Свесен сум за геополитичката реалност и дека Македонија, соочена со геополитички превирања, мораше час поскоро да стане членка на НАТО, но сепак, продавањето и предавањето на сѐ што е македонско е бесмислено, непродуктивно, па дури и геополитички неоправдано – изјави Коцарев.
Тој ги повика одговорните јавно да им се извинат на Македонците.
„Ги повикувам одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците. Исто така, повикувам договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со изразот ‘македонски холокауст’. Ги повикувам и надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст. За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени. Ако сега кажеме ‘не’, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да не се распадне. Ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нестварни и бесмислени барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на Уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори. Договорите со Грција и со Бугарија значат крај на македонската историја. За Македонија не постои план Б: ова парче земја е нашата единствена татковина – Македонија, па затоа, 120 години по излегувањето на книгата ‘За македонските работи’, на борба за правото на самоопределување на македонскиот народ во меѓународната заедница, што ќе го отелотвори достоинствениот живот на Македонците“, објаснува Коцарев.
