СИ ЗАМИНУВА ПО ДИРЕКТОРУВАЊЕ ОД ЕДНА ГОДИНА, ЕВЕ КАКОВ ИМОТ ПРИЈВИЛА КОГА СТАНАЛА В.Д - Симеска има стан во Скопје и две помали куќи во родниот Брод
По една година откако беше именувана за редовна директорка на Пазарниот инспекторат, Анета Симеска Димоска си заминува од позицијата, без официјално образложение за причината од Владата, само со забелешка од премиерот Димитар Ковачевски дека таа е искусна во својата дејност, но им бил потребен нов кадар, кој ќе внесе нова мотивација во работата и ќе донесе подобри резултати.
Симеска за редовен директор на Пазарен инспекторат е избрана во јануари годинава, откако извесен период беше вршител на таа должност. Во декември лани Владата распиша оглас за именување директор на ДПИ, на кој можеа да се пријават сите заинтересирани што ги исполнуваа критериумите, по што еден месец подоцна изборот падна токму на вд директорката Симеска.
Како и вообичаено, Фактор ги погледнува анкетните листови на функционерите кои си заминуваат, а еве што кажува имотниот лист на Симеска-Димоска, кој таа го пополнила кога била в.д директорка. Не се знае дали има и какви се промените за време на официјалното директорување.
Инаку, како в.д директорка Симеска во анкетниот лист има пријавено две помали куќи во Македонски Брод, нејзиниот град од каде што потекнува, потоа деловни простории во истиот град, како и стан во Скопје. Има и друг имот на нејзиниот анкетен лист, па еве да споделиме со јавноста што поседува.
Како имот на брачен другар таа пријавила деловен простор од 54 квадрати во Македонски брод, со вредност од 900 илјади денари, кој е стекнат со договор за градба.
Исто како имот на брачен другар се и куќата во Брод од 64 метри квадратни, на вредност од 1,2 милиони денари, стекната преку подарок, и уште една куќа со помошни простории во Македонски Бруд, чија површина е 60 метри квадратни, вреди 350 илјади денари, и, како што стои во анкетниот лист, е стекната на друг начин.
Како личен имот, пак, Симеска во 2021 година се стекнала со стан во Скопје, со помошни простории, а има 59 метри квадратни. Стекнат е со договор за купопродажба. Инаку тој стан е наведено дека вреди 3,075 милиони денари или рамно 50 илјади евра.
Во Скопје Симеска стекнала во истата година и гаража од 16 метри квадратни вредна 246 илјади денари.
Од моторни возила, како имот на деца има опел корса комбо од 50 илјади денари и голф како нејзин личен имот, од 300 илјади денари, стекнати со договор за купопродажба.
Нејзините деца имаат банкарски депозити, а таа и нејзиниот сопруг имаат долгови.
Анета Симеска Димоска деновиве не сакала да зборува за причините поради кои е разрешена.
Изминатиот период имаше голем притисок од јавноста за намалување на цените во малопродажбата, особено по намалувањето на цените на горивата и добивањето на поевтина струја за прехранбените компании. Министерството за економија на чело со министерот Крешник Бектеши често знаеше суптилно одговорноста да ја префрли на пазарниот инспекторат и да каже дека од таму се очекуваат резултати во однос на тоа дали се намалени цените и профитните маржи, како и евентуални казнувања, кои барем досега ги немаше. Генерално, и на двете страни аргумент им беше тоа што маркетите се уште чуваат залихи по стари набавни цени.
Фактор во неколку наврати се обиде да добие макар куса изјава од Трајковски за тоа како ќе ги подобри резултатите на Пазарен инспекторат, но тој не сакаше да одговори на нашите повици.
Инаку, Димовска, пак, дојде на местото на Стојко Пауновски, кој беше разрешен од тоа место поради пркос, односно затоа што не сакаше да распоредува таму неквалификувани кадри од Рамковниот договор.
Н.Н.Ф.
